Ја цениме добрата намера на Министерството за образование да го подобри квалитетот на високото образование.Меѓутоа не прифатливо е Законот за високо образование да се донесе без претходни консултации со професорите, кои можат да придонесат за пореално согледување на состојбите во образованието.
Затоа цениме дека треба да се продолжи започнатиот дијалог помеѓу Министерството и универзитетските професори за да се добие квалитетен закон. Така на пример критериумите за избор на ментори за докторски студии (член 7), како и за избор и реизбор на наставно-научни звања (член 14) не кореспондираат со реалните услови.
Нужно е да се сфати органската поврзаност на високото образование со науката! Ако сакаме повисок квалитет на високото образование, што е основна цел на овој закон, мора да бидеме реални и да кажеме:неопходни се најмалку 5-пати повеќе средства за науката (околу 1% од Буџетот), за да има квалитетна научна работа, издржани научни трудови, објави во референтни списанија, настапи на значајни собири и, конечно, постигнување на посакуваните европски критериуми!
Според тоа сметаме дека е потребно да се оддели Министерството за Високо образование и наука за да може да одговори на потребите на наставно научните работници и научниот напредок на земјата.
Без реални средства во науката, нема услови за европско високо образование, односно за од професорите да се бараат европски критериуми треба да се обезбедат и европски стандарди и услови за научно-истражувачка работа.
(На прес конференцијата зборуваше Проф. Д-р Бети Дејанова, Професор на Медицински факултет, во својство на потпретседател на комисијата за наука при ДОМ и го пренесе ставот на ДОМ по предлог законот за високо образование)