Зелено во црно-белиот свет

Голема е дилемата како да постапиш кога некој јавно те плука, навредува и омаловажува само затоа што не мислиш стопроцентно исто како него или, да биде гревот поголем, што не реагираш исто. Што не си одбрал иста политичка страна, туку правиш свој избор, одиш по свој пат, избираш своја боја – зелена.
Зеленото како политичка опција праќа порака за толеранција и за почитување на различниот, со вечно актуелната порака на Волтер да се бориме за правото да го искаже својот став и оној со кој не се согласуваме. Во име на тој пристап, имајќи ја и одговорноста како претседателка на ДОМ, кон колегите и кон идејата, го пишувам одговорот на една неубава колумна.


Во колумната се проблематизира учеството на ДОМ како зелена партија во владината коалиција и тоа во македонски опозиционен дух: ако не си со мене, тогаш си против мене. Во име на човековите права, авторот повикува на „чистење“ на македонската политичка сцена од една зелена партија, небаре се штити идилата на црно-белиот свет! ДОМ е првата зелена парламентарна партија во Македонија која гласно се залага за т.н. зелени политики – заштита на животната средина, одржлив економски развој со зелени работни места, алтернативен туризам и рурален развој, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност итн. И тоа низ кампањите: И Водно е наш дом, Скопје зелен град – три нови дрвца за едно пресечено, Декларација за зелени општини, Сонце наместо нуклеарка, Како до поевтини сметки за струја, 10.000 работни места во алтернативниот туризам, Како се сечат шумите, како и иницијативите за туристичко-рекреативни манифестации (велосипедски маратон Сончев круг, Да шараме по Шара, Скопско туристичко лето, Денови на традиционална храна и занаетчиство) и многу други.


Како на зелена партија, подеднакво важни ни се човековите права и еднаквите можности за сите, културните различности, науката и новите технологии, но и соработката и мирот, како врвни принципи. Заради овие идеали се залагавме за: правата на маргинализираните групи, подобрување на женското здравје, квоти за градоначалнички, законска заштита од мобинг, декларации за правата на Ромите и против семејното насилство, закон за недискриминација (чиј прв предлагач сум уште пред пет години, во соработка со Хелсиншки комитет) и др. 
ДОМ е иницијатор на 2008 – Година на македонскиот јазик, како и на Петицијата до УНЕСКО со 15.000 потписи против дискриминација на македонскиот јазик, кога тој беше избришан од електронскиот регистар на ОН. Добивме официјална поддршка од највисоката светска институција за заштита на културата и јазиците, што оди во прилог на борбата против негирањето на македонскиот културен идентитет, од кој имаат штета сите граѓани на Македонија. Не можам да се изначудам како може некој овие активности да ги подведува под национализам? Дали во едно вакво искривено огледало и УНЕСКО изгледа како националистичка организација? 


Независно кој како милува да цени, факт е дека по пет години посветена работа, ДОМ го проби зеленото како политичка опција и свест. Се донесоа закони, стратегии и мерки за животната средина, зелените енергии и туризмот. Се заштитија природни убавини и реткости, се воведуваат современи решенија за отпадот и водите. Имаме организирана туристичка промоција, субвенции за странски гости, развој на алтернативниот туризам, организирани групи туристи од разни земји. За прв пат во Македонија се обезбеди зелен пакет во Буџетот, со посебна Програма за животна средина, како еден од десетината приоритети на Владата. Имаме уште многу недовршена работа, но патот е трасиран.
Сево ова беше можно затоа што 4,5 години ДОМ е дел од широка владина коалиција од 22 партии со различен идеолошки предзнак, заедно со партиите на сите етнички заедници во земјава. Заедничка платформа ни се ЕУ и НАТО-интеграциите, правната држава и економскиот развој. Коалирањето е единствена можност за реализација на зелената програма, со сета свесност за ризикот од губење на дел од автентичноста. Затоа со партнерите имаме отворен и коректен однос, со почитување на различните ставови по одредени прашања. ДОМ отворено бараше изборност на веронауката, мораториум за верски објекти на плоштадот, повеќе пари за науката, европски закон за води, подобри учебници, права за хомосексуалците, реална казнена политика, сексуално образование и достапност на контрацептивните средства, право на абортус. 


За проектот „Скопје 2014“ ДОМ изгради свој став и јавно го кажа – го поздрави уредувањето на празниот дел од центарот на градот и поврзувањето на двата брега на Вардар, а изрази загриженост за еколошките аспекти на градбите и сообраќајот, со несогласување за црквата и триумфалната капија во згуснатиот простор.


Политиката е комплексна сложувалка. Сите сме различни и треба да најдеме заеднички именители што ќе н` приближат како луѓе и сограѓани, во интерес на општо добро. ДОМ е тука како зелена опција за да ги омекне контурите на црно-белиот свет. Предлагам да се научиме на живот во боја…

Лилјана Поповска