За европски критериуми потребни се европски услови

ДОМ со денешната прес конференција се вклучува во јавната дебата околу Законот за високо образование. Проф. Д-р Денко Скаловски, како претседател на Комисијата за наука на ДОМ изнесе неколку претпоставки за подобрување на состојбите во високото образование и научната дејност во Македонија.


1) Треба да се обезбеди нормална процедура со широка јавна расправа за Законот, со сите на кои тој им е наменет. Во таа смисла охрабрува потегот на Министерството да сочека мислења, со истовремено повлекување од некои спорни ставови.

2) Мора да се гарантира автономијата на универзитетот и да се почитува достоинството на интелектуалната елита во земјава.

3) Мора да се оди со издиференциран приод кон различните институции и научни дисциплини, водејќи се од специфичните организациони, кадровски и материјални проблеми. Нема еден лек за разни болести!

4) Не може да се очекува европски квалитет на македонските наставници и научници, ако државата претходно не обезбеди европски услови и стандарди за работа. За европски критериуми за напредување во наставни и научни звања, потребни се и европски услови!

5) Нужно е да се сфати органската поврзаност на високото образование со науката! Ако сакаме повисок квалитет на високото образование, што е основна цел на овој закон, мора да бидеме реални и да кажеме: неопходни се најмалку 5-пати повеќе средства за науката (околу 1% од Буџетот), за да има квалитетна научна работа, издржани научни трудови, објави во референтни списанија, настапи на значајни собири и, конечно, постигнување на посакуваните европски критериуми!
ДОМ го има високото образование и науката во своите приоритети, зашто само знаењето и еколошки пропулзивните технологии може да обезбедат одржлив опстанок и развој на нашата земја. ДОМ веќе неколку години инсистира на основање Министерство за високо образование и наука, како и на издвојување повеќе буџетски средства за науката. 
ДОМ повторно предлага сите заедно да размислиме дали не е време конечно да се остварат овие идеи, овојпат преку проширување на опфатот на постојното Министерство за информатичко општество и негово преименување во Министерство за високо образование, научно-технолошки развој и информатика – изјави претсдателката Лилјана Поповска од оваа прес конференција.
Во претстојниов период, со цел да ги продлабочи сознанијата за состојбите и можностите за изнаоѓање најдобри решенија за напластените проблеми, ДОМ ќе преземе серија активности, меѓу кои и трибина на истата тема, со учество на наши еминентни професори и научници од сите области.

26.01.2011 год.
Со почит,
Сектор за односи со јавност на ДОМ