ДОМ ги вдоми книгите за децата во Голо Брдо и Гора

Вчера, доцна вечерта, од Албанија се врати екипата од ДОМ и од НВО „Неима“, кои се организатори на македонските училшта, од посета кај Македонците во Требиште во областа Голо Брдо. Во таа прилика беше предадена пратката со детски книги на македонски јазик. Предавањето на пратката беше остварено во соработка на нашето МНР и албанските институции.

По десетчасовно патување поради лошиот и непристапен пат екипата стаса во вечерните часови во селото Требиште каде што беше пречекана од родители, учители по македонски јазик и децата кои учат во училиштата. Лилјана Поповска, претседател на ДОМ, и Ѓорѓи Јолевски, претседател на комисијата за култура на партијата, пратката со осум и пол илјади детски книги на македонски јазик ја предадоа на децата од Требиште во присуство на Едмунд Османи, советник од Македонската партија во Албанија. Невладината организација „Неима“ од Прилеп во оваа прилика за дечињата донираше новогодишни пакетчиња и изврши тестирање на нивното знаење по македонски јазик.
ДОМ останува посветен на помошта на жителите од овој крај и ќе биде во континуирана комуникација со нив. Во текот на оваа 2011 година ДОМ ќе бара начини да им се овозможи пристап до интернет, со што би се поврзале со светот и би се чувствувале помалку изолирани.


Акцијата на ДОМ „Книгата моја патува“ во мај и јуни минатата година имаше огромен одзив, при што беа собрани околу осум и пол илјади книги за деца, боенки и училишен прибор. Донатори беа повеќе издавачки куќи, библиотеки и огромен број граѓани од Скопје, Кавадарци, Битола и Штип. 

Скопје, 05.01.2011 – ДОМ – Сектор за односи со јавноста