Се одржа Конференција на Балканските Зелени
Озеленување на балканските економии
10 – 12, Декември, Скопје, Македонија
Хотел Арка, ул. Битпазарска 90/2, Скопје, Македонија
Демократската обнова на Македонија – ДОМ, во соработка со Европските Зелени, а со поддршка од Европскиот Парламент и холандската влада, од 10 до 12 декември во Скопје ја организираше Конференцијата на балканските Зелени на тема „Озеленување на балканските економии“. Конференцијата се совпадна со петгодишнината на формирањето на ДОМ која се одбележува под мотото „Зеленото е зрело“.
Во присуство на над 200 учесници на Конференцијата се обратија двајца европратеници од групата на Европските Зелени, Мараја Корнелисен од Холандија и Михалис Тремопулос од Грција, Ане де Бер од Зелената европска фондација, како и претставници од 15 зелени партии и движења од Европа, од кои 11 од Балканот. Свои обраќања имаа евроамбасадорот Ерван Фуере, заменик министерот за животна средина и потпретседател на ДОМ Соња Лепиткова, претседателот на Советот на ДОМ, проф. Димитар Мирчев, експерти и претставници од државни институции и невладини организации.
Целта на Конференцијата е изградба на заедничка стратегија за озеленување на балканските економии и креирање нови зелени работни места, особено во секторите за обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, земјоделството и туризмот. Основа за дискусијата беше презентацијата на европскиот Зелен Нов Договор, како одговор на светската економска криза.
Една од сесиите беше посветена на евроинтегрирањето на Балканот, при што беше искажан ставот на Европските Зелени дека не треба да се блокира процесот за Република Македонија.
Европратениците и Лилјана Поповска, беа примени и од Премиерот на Република Македонија Никола Груевски. Премиерот истакна дека зелената политика е вградена во Програмата на владата преку учеството на ДОМ како зелена партија во неа. Затоа животната средина и туризмот се дел од владините приоритети, а од годинава и со нова буџетска ставка за владина Програма за животна средина. На разговорот стана збор за мноштвото активности на Владата за подобрување на статусот на Ромите и другите малцински заедници, од кои во најголем дел се регрутираат баратели на азил во европските земји. Интересот на грчкиот претставник беше свртен кон пречистување на реката Вардар, за што беше кажано дека работите се започнати и треба да се завршат во следниот период. Посебно беше истакнато дека животната средина е прашање кое може на најдобар начин да ја зајакне регионалната соработка и пријателството меѓу земјите.