ДОМ предлага три механизми за користење на обновливите извори на енергија

Како зелена партија, ДОМ го поздравува носењето на Стратегијата за обновливи извори на енергија и очекува нејзина брза имплементација. До крајот на оваа година, треба да се обезбедат најмалку три механизми за поддршка на програмите за користење обновливи извори на енергија, а пред се на сонцето преку:
1.     Формирање фонд за животна средина и енергетска ефикасност
2.     Владини субвенции, слични на оние од изминативе години за набавка на сончеви колектори за топла вода
3.     Зелени кредити со каматни стапки од 2% до 4%

Како зелена партија ДОМ реагира на некоректните банкарски политики во Македонија, каде банките непристојно ги надградуваат зелените кредити од 1%, 1,5% кои влегуваат во Македонија од странство, а на граѓаните им ги нудат по 7,5%. Поради ваквите „лихварски“ камати нема да се постигне масовно користење и нема да се постигнат посакуваните ефекти за поквалитетен живот на граѓаните, ниту заштеди на енергија за државата.
ДОМ уште еднаш укажува дека фокусот на користењето на обновливите извори на енергија треба да се стави на сончевата енергија, која може да обезбеди топла санитарна вода и загревање на просториите за домување, затоа што сонцето сепак е најефтин извор на енергија. 
Македонија го има на претек, технологијата за негово користење е едноставна, а инвестицијата се исплатува за три години. Тоа е во интерес на граѓаните за да добијат 50 % поефтини сметки за струја,  а за државата 25% помалку увезена енергија. Овие бројки едноставно се добиваат ако се знае дека речиси половината од електричната енергија во државата се троши во домаќинствата, а половината од таа енергијата во секое домаќинство оди за греење на топла санитарна вода. Значи во интерес на сите е дел од скапо набавената енергија да се добие од сонцето.
ДОМ потсетува дека со помасовното инсталирање на сончеви колектори се отвараат и нови зелени работни места, со што се намалува и невработеноста во  Македонија, но се создаваат и услови за унапредување на технологиите во овој сектор од енергетиката. 

Прес конференцијата ја водеше портпаролот на ДОМ Тони Ристов

Со почит,

Центар за информации и комуникации на ДОМ

Скопје, 12.09.2010