Од споредни правам главни теми

Интервју на претседателката Лилјана Поповска за веб порталот „Журнал“

Спорот со името ќе мора да заврши со некаква разрешница. Но, не секоја разрешница претставува решение. Сигурно не би било решение евентуалното изнудено прифаќање на сегашниот пакет барања за промена на името за надворешна и внатрешна употреба, забрана на употребата на придавката “македонски” и промена на историјата! Таква разрешница би била влез во нова дестабилизација на Балканот, покрај огромната неправда што би ја доживеал македонскиот народ и држава. Рационално решение би била двојната формула што ја имавме како наша позиција со години (Грција да ни се обраќа со име прифатливо за нас). Во моментов, решение со најмала штета за државата би било доследното спроведување на привремената спогодба на ОН, а тоа е именување на земјава во рамките на ОН на начин што нема да го засегне нашиот идентитет и дигнитет. Иако, лично како човек, не можам да замислам таква состојба, затоа што сево ова е спротивно на конвенциите на ОН за човекови права, самоидентификување итн.

Журнал: Македонија, како и многупати досега, се наоѓа на историска раскрсница и во сериозни одлучувачки моменти. Од осамостојувањето до денеска, како држава, сме имале неколку вакви моменти (референдумот за осамостојување, кризата во 2001 година, економското ембарго..). Но, сите тие проблеми се решени и оставени на историјата, освен спорот со името со Грција. Има ли решение и на кој начин?

– Тој спор ќе мора да заврши со некаква разрешница. Но, не секоја разрешница претставува решение. Сигурно не би било решение евентуалното изнудено прифаќање на сегашниот пакет барања за промена на името за надворешна и внатрешна употреба, забрана на употребата на придавката “македонски” и промена на историјата! Таква разрешница би била влез во нова дестабилизација на Балканот, покрај огромната неправда што би ја доживеал македонскиот народ и држава. Рационално решение би била двојната формула што ја имавме како наша позиција со години (Грција да ни се обраќа со име прифатливо за нас) и со која постигнавме признавање под нашето уставно име од 123 земји. За жал, тоа решение го избламиравме сами со внатрешното разногласие. 

 Во моментов, решение со најмала штета за државата би било доследното спроведување на привремената спогодба на ОН, а тоа е именување на земјава во рамките на ОН на начин што нема да го засегне нашиот идентитет и дигнитет. Иако, лично како човек, не можам да замислам таква состојба, затоа што сево ова е спротивно на конвенциите на ОН за човекови права, самоидентификување итн.

Журнал: Како партија ја застапувате Зелената опција, европско доминантно движење. Што значи „зелена партија“ и како идеите на оваа опција се артикулираат во македонското политичко милје?

– Во Европскиот Парламент зелената опција е претставена преку Европските Зелени. На последните европски избори тие беа најголемите победници и станаа четврта групација по големина. Најголем успех постигнаа во Франција со 19% од гласовите.

ДОМ-Демократската обнова на Македонија се појави пред 4,5 години и стана прва зелена партија во нашиот Парламент и во локалните совети (1 градоначалник и 22 советници). Има искуство со самостоен настап, но и со коалиционен, кога води двојна кампања, промовирајќи ја зелената опција и низ свои партиски настани (над 150 на парламентарните избори 2008!). Резултат на тоа беше нашата видливост на анкетата на ИРИ веднаш по изборите!

Дел сме од владината коалиција, зашто за прв пат една влада прифати екологијата и туризмот, кои ги застапуваме, да станат владини приоритети. Од друга страна, заеднички приоритети со ВМРО-ДПМНЕ ни се социјалната правда и еднаквите можности за сите, како и културата и идентитетот како цивилизациски придобивки. Во тие области понудивме одлични кадри, како д-р Соња Лепиткова за заменик министер за животна средина, м-р Зоран Стрезовски за Агенцијата за промоција на туризмот, арх. Огнен Апостолски за Агенцијата за просторно и урбано планирање, д-р Антони Новотни за Психијатриска клиника, арх. Мери Пејовска-Аницин за Музеи на Македонија, Ѓорѓи Јолевски за селектор на Охридско Лето и многу други видни луѓе ширум земјата. 

 Имаме многу конкретни резултати: многу европски закони, стратегии и просторни планови во животната средина, заштитени подрачја меѓу кои и Алшар, во тек е изградба на депонии, пречистителни станици и инценератор за медицински отпад, користење на обновливите извори на енергија – пред се сонцето, организирана промоција на земјава како туристичка дестинација и продор на гости од разни земји, субвенции за странски туристи, зголемен приход од туризмот, замав на алтернативниот туризам, туристички кластери, туристичка патрола, организирани ископувања на археолошко богатство и негово презентирање пред светот… Се разбира, за сево ова разбирање имале и колегите од Владата, особено премиерот Груевски, вицепремиерот Ставрески и министерот Бесими.

Најнови проекти се “10.000 нови работни места во туризмот”, “Помали сметки за струја преку користење на сонцето и зголемена енергетска ефикасност” и “Еколошки стандарди во урбанизмот и градбата”.

Журнал: За ова лето, како политички субјект, организирате и патувања низ Македонија. Дали ова е активност на политичка партија и која е целта на патувањата, со оглед на тоа што , меѓудругото, работите и на развојот на туризмот во земјава?

– Мислите на проектот “Скопско туристичко лето”? Него го реализира невладината организација за алтернативен туризам “Балканија” и Агенцијата за промоција на туризмот, во соработка со ЈСП, Градот Скопје, општина Центар, Факултетот за туризам – Скопје, Стопанската комора за туризам,  агенцијата Ториас и др. Овој проект навистина произлезе како иницијатива од Комисијата за туризам на ДОМ, која веќе две години организира викенд-патувања со автобус низ убави предели и културно-историски споменици на Македонија. Тоа го правевме за нас и наши пријатели, за свои пари и свој ќеф. Но сметавме дека тоа треба да може да го види секој граѓанин и странец што ќе го мине летото во Скопје, за да ја запознае возбудливата страна на Македонија, а со тоа да се поттикне и алтернативниот туризам. 

Како политичка партија сме отворени за добри идеји и неконвенционални начини на делување. Ако ние ја промовираме Македонија во странство како земја на природата и лулка на уметноста, тогаш треба и самите да го имаме тоа искусено и почуствувано. Патем, треба да знаеме каде има пропусти во туристичката услуга за да влијаеме да се надминат. 

 Политиката  не треба да биде само зборување, туку многу повеќе практично делување. А ние си го одработуваме и „пишаниот” дел, во вид на измени на закони, подзаконски акти и мерки.

Журнал: Иако сте дел од коалицијата на власта, честопати давате сериозни забелешки и критики во областите за кои најмногу се залагате – културата, туризмот, екологијата. Зошто и што може да се стори?

– Учеството во коалициона влада не значи дека треба да се откажеш од себеси и од своите ставови. Напротив, треба да бидеш свој, да го почитуваш различниот став на колегата од друга партија и да бараш можност за компромисно доближување преку толерантна и коректна дискусија. Ние имаме јасен договор и така се однесуваме, како коректен партнер. По одредени прашања имаме идеолошки разлики, што е разбирливо. 

 Како зелена партија, инсистиравме на секуларниот карактер на државата и наместо веронаука во училиштата, предлагавме изучување на религиите на сите; се залагавме за мораториум за изградба на верски објекти на плоштадот, за да се избегнат меѓуверските тензии; сме изречно против изградба на нуклеарка, нудејќи целосно искористување на хидропотенцијалот, но и на алтернативните извори на енергија; предлагавме сексуалната ориентација да влезе во Законот за недискриминација како една од основите, зашто тоа е дел од европското законодавство за човековите права и друго. 

 Како партија инициравме јавна расправа за казнената политика, слушајќи ги жалбите на стопанските субјекти, по што следеше дискусија внатре во коалицијата и на крајот измена на закони со намалување на казните и задолжување на инспекторите да казнуваат дури по претходни опомени. 

 Како пратеник гласав против одредби во законот за урбано планирање, заради преголемата узурпација на просторот што им се дозволува на градежниците со што и се наштетува на животната средина, но и на туризмот. Против бев пролонгирањето на Законот за води, по што како партија развивме лобирање за поправање на состојбата и поскоро обезбедување интегрирано управување со водите. 

 Ова ни беше и официјално барање од Европската Комисија. При сево ова имавме разбирање од колегите, кои покажаа демократски капацитет за различноста. Значи, може да се направат добри работи, во интерес на сите, ако се пријде отворено, реално и разумно.

Журнал: Јавноста Ве знае и идентификува како жена-пратеник која секогаш се залагала за еднаквата родова застапеност, за подобрување на правата на социјално и другите загрозени категории граѓани, како поборник за афирмација и потврдување на македонскиот јазик. Задоволни ли сте од досега постигнатото и во кои области треба уште многу да се работи?

– Заедно со колегите од партијата, но и со луѓе од други партии и вон нив, особено со невладини организации, работам на долги патеки и често пати пробивам мраз за некои заборавени теми, кои ги сметам за важни. Јас се специјализирав од споредни да направам главни теми. Така беше со правата на жените и родовата рамноправност, со правата на лицата со хендикеп, со туризмот и екологијата. 

 Темите што ги споменувате се дел од моите приоритети. Во изминативе години многу е сторено. Сега имаме 5-пати повеќе жени во политиката и сме на врвот на светската табела, бесплатни ПАП и мамографски тестови (награда Pearl of Wisdom од Европската асоцијација за борба со цервикален канцер), организирана борба со семејното насилство, изменети закони за правата на лицата со хендикеп во сите области… Македонија е пример за добра пракса во овие две области и е извозник на искуство и едукатор во регионов, но и многу пошироко. 

 По својата природа овие теми се надпартиски и длабоко хумани. Тие може да се третираат како меки политички прашања кои придонесуваат за зголемување на граѓанската кохезија, особено во мултикултурни средини. Се разбира, имаме уште незавршени работи, но сме многу подобри од други. 

 Што се однесува за јазикот, знаете дека преку ДОМ иницирав 2008-та да биде од Владата прогласена за „Година на македонскиот јазик“, во рамките на Светската година на јазиците на УНЕСКО. На идеја на почитуваниот Трифун Карапетров, а во соработка со професорот Димитар Мирчев, Јордан Плевнеш, Илија Велев, Милан Банов и многу други вљубеници во нашиот јазик и култура. Горда сум што го раководев организациониот одбор таа година, зашто се реализираа многу капитални проекти што стоеле со децении и се подигна свеста и интересот кај граѓаните за правилна употреба на јазикот. 

 Но, жал ми е што не успеавме да го реализираме во целост делот што се однесува на промоција на македонскиот јазик во странство, преку лекторатите и преку специјални настани. Оваа иницијатива беше замислена да и помогне на Македонија во нејзината борба за афирмација на македонскиот јазик и идентитет во странство, токму во време кога е жестоко оспоруван и негиран.

Журнал: Се најавуваат и предвремени парламентарни избори (ноември по самитот на НАТО или следната година). Ваш став – дали на Македонија и требаат избори и нова власт или оваа владејачка коалиција ќе успее да се справи со проблемите и да ја интегрира земјата во НАТО и во Европската Унија?

– Македонија е уморна и истрошена од избори. Владата има убедлив легитимитет да си го доврши мандатот, а покажа и капацитет за спроведување на реформите, посебно на планот на економијата. Тоа беше особено видливо во периодот пред финансиската криза. Интеграциите во НАТО и ЕУ се блокирани поради грчкото вето и тука нови избори нема да помогнат. Со оглед на анкетите, не се очекува ни драматична промена на политичката распределба. 

 Но сепак, искуството не учи дека понекогаш има други мотори кои ги придвижуваат работите во политиката, па така и покрај наводната нелогичност, избори може да се случат. Сите партии се подготвуваат, па така и ДОМ. Веќе сме јасно профилирани, преструктурирани по 2.-от конгрес, со зголемена мобилност и ентузијазам да ја претставиме уште поубедливо од досега зелената опција. Убедени сме дека сега и е времето, зашто зеленото е зрело – како политичка опција, како граѓанска свест и како пракса.

Разговорот го водеше Тодор Стојчевски