Кој ни го краде Водно?

Демократската обнова на Македонија ќе се заземе да престане уништувањете на Парк-шумата Водно поради непланското и нечовечно урбанизирање на истата.Имено, градежните зафатиполека но сигурно ги колонизираат ниските падини на Водно, навлегувајќи и во границите на заштитеното подрачје на парк-шумата Водно. По узурпацијата на падините на Водно над Жданец и Трнодол, сега бездушно се уништува и урбанизира дел од парк шумата над хотелот Панорама, со изградба на грди огромни висококатници.

ДОМ сака јавно да го постави прашањето: Зарем се заборавени сите напори на бројни генерации Скопјани од 50тите, 60тите и 70тите години, кои не се штедеа себеси во работните акции за пошумувањето на белите дробови на Скопје, нашето Водно.

И зарем е можно кога низ целата држава се подржуваат акции за пошумување, кога прогласивме и ден на дрвото, кога сакаме во Европа за која еден од приоритетите е  почитувањето на еколошките стандарди, некому да му биде дозволено да  ја сече и  уништува шумата која е природен заштитник на Скопје, која го прочистува воздухот и не брани од поплави, ерозија и лизгање на земјиштето.

Колку ќе ги чини скопјани профитот на неколкумина – кој тоа има право да ја нарушува еко-рамнотежата и да ни го одзема единствениот филтер од загадувањето на нашиот град.

За оние кои не знаат вредно е да го споменеме примерот на Атина, каде со уништување на шумата на двете брда над градот се случиле битни климатски промени, а градот во летните месеци се претвора во вжештен котел без никаква природна заштита.

ДОМ ќе иницира политичка и граѓанска акција за стриктно почитување на ГУП-от кој е донесен на денешен ден пред 7 години, а во соработка со надлежните општински органи ќе се заложи за ревизија на сите злоупотреби на деталните урбанистички планови на општините Центар, К.Вода и Карпош, кои довеле до поместување на границите на градежното земјиште на штета на парк-шумата Водно. Сигурни сме дека во овие напори ќе бидеме поддржани од градоначелниците на овие општини, како и од Советот на град Скопје и градоначалникот Коце Трајанов, кој веќе даде поддршка за зелените општини како иницијатива на ДОМ.

ДОМ, со мисла и грижа за нашите деца и внуци, ќе покрене и иницијатива за претворање на парк-шумата Водно во заштитено подрачје како зелена еко зона за идните генерации, заштитено подрачје во кое никогаш повеќе нема да биде дозволено да се подигаат бетонски бедеми (згради) кои ќе го загушат нашиот град.

Во тој контекст ДОМ ќе се заложи и за донесување на одлуки на Советот на град Скопје за усвојување на  уточнетите граници на ГУП-от 2001-2010, како и на границите на парк-шумата Водно, со единствена цел да се застане на патот на грабањето на Водно и тоталното девастирање на парк-шумата од здивената урбанизација.  

Прес конференцијата ја одржа прф. Д-р Антони Новотни, потпретседател на ДОМ и претседател на Комисија за животна средина на Град Скопје.