Во Република Македонија постои ургентна потреба од „подигнување на рампата“ за инвестициите во областа на животната средина, пред сè за подобрување на инфраструктурата за животна средина и на еколошките перформанси на индустријата и на другите сектори.
Усогласувањето на македонското законодавство со тоа на ЕУ е предуслов за прием во Унијата, а инвестициите што се потребни за тоа изнесуваат најмалку милијарда евра, изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова на конференцијата на тема „Обновување на Фондот за животна средина и обновливи енергии“. Таа во своето обраќање пред стручната јавност, претставниците од институциите и НВО секторот се заложи за обновување на Фондот за животна средина како институција независна од МЖСПП, чии приоритети ќе бидат оние утврдени со Националниот еколошки акционен план (НЕАП) и Стратегијата за инвестиции.
Македонија прва на Балканот имаше Фонд за заштита на животната средина. Меѓутоа во 2005 тој Фонд беше укинат, со што се запрени многу активности во насока на заштита и унапредување на животната средина. „На Македонија ѝтреба здрава институционална рамка за да може животната средина да го добие вистинскиот третман. Иницијативата за обновување на Фондот за животна средина е токму таков обид – да се даде една институционална рамка преку која ќе се обезбедат трајни средства за финансирање на сериозни проекти. Секоја сериозна држава така настапува; ние сакаме Македонија да биде една сериозна и стабилна држава на долг рок и затоа сакаме да го дадеме својот придонес“, изјави Лилјана Поповска, претседател на ДОМ констатирајќи дека за само три години откако ДОМ ја отвори „зелената приказна“, кругот на темите и почитувачите на зелената опција се прошири и се создаде клима за сериозно политичко дејствување. Доказ за тоа се проектите од областа на заштитата на животната средина што ДОМ ги предложи, а Владата на РМ ги прифати. Дел од нашите предлози се веќе вградени во законодавството, дел се на пат да се реализираат, но има уште многу да се направи.