ДОМ промовираше прва зелена програма на локални избори

Демократската обнова на Македонија – ДОМ во саботата во Холидеј Ин ја промовираше својата Зелена програма со слоганот „Следи го зеленото“, прва зелена програма за локални избори во Македонија. Промоцијата на Зелената програма истовремено беше и одбележување на тригодишнината од постоењето на партијата.

„Македонската политичка сцена за првпат ја добива својата Зелена програма, како политичка платформа на зелената опција што ја застапува ДОМ. По тригодишно искуство како парламентарна партија и по поминати два изборни циклуса во 2006 и 2008 година, ДОМ за првпат се појавува на локални избори. За таа цел е подготвена изборна програма со приоритети, заложби и проекти, за чие исполнување ќе се залагаат нашите избрани претставници во локалната власт, но и сите ние што се стремиме кон зелена Македонија, европска Македонија, Македонија – наш дом, дом за сите“, рече од говорницата претседателката на партијата, Лилјана Поповска. Таа ја искажа решеноста партијата да истрае во оваа пионерска мисија за пробивање на прогресивни идеи во нашата земја, дел како стандарди што ни требаат на патот кон евроатлантските интеграции, а дел како визија за иднината. Искажувајќи го ставот дека „зелената опција значи поддршка за економскиот развој на земјата, но не по цена на нашето здравје и квалитет на живот“, Поповска истакна дека највлијателните земји и државници во светот веќе ја сместија зелената приказна и зелените работни места во своето политичко дејствување и потсети дека новиот американски претседател Обама најавува специјална програма за инвестирање во нови зелени работни места.

ДОМ на оваа прослава ги претстави и своите кандидати за советници за Град Скопје и за општина Центар, проф. д-р Антони Новотни и Насер Хот, од советничките листи на Коалицијата За подобра Македонија.