Меморандум за соработка на ДОМ и ПЕИ

Партијата за европска иднина и Демократската обнова на Македонија, тргнувајќи од развојните насоки на Република Македонија и посебно од своите политички и програмски приоритети, денеска потпишаа меморандум за заедничка соработка, коррдниација и усогласување во своето политичко делување. Меморандумот беше потпишан во присуство на членовите на двете партии.

Како партии кои во изминатиот период имаа добра соработка, а со своите економски програми се многу блиски, се согласивме да направиме Меморандум за соработка, со одредени точки кои се важни заекономскиот развој на Република Македонија. Со овој меморандум го обележуваме формално нашето заедничко дејствување во парламентот и вонпарламентот, а како приоритет се туризмот, особено селскиот туризам кој има извонредни можности за развој во западниот дел на државата, понатаму екологијата, образованието итн. Сигурен сум дека со овој чин уште повеќе ќе придонесеме за развојот на државата – рече претседателот на ПЕИ Фијат Цаноски во изјавата за јавноста при потпишувањето на Меморандумот.

Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, во својата изјава истакна дека – ДОМ и ПЕИ се автентични политички партии кои настанаа со искрена желба да се помогне во развојот на Република Македонија, притоа фокусирајќи се на одредени аспекти. ДОМ на зелената опција, а ПЕИ на граѓанскиот концепт. И двете опции меѓусебно се испреплетуваат и на еден начин сложно се имплементираат. Двете партии, остануваат во владеачката коалиција, со која успешно соработуваме и веруваме во определбите на Владата кои се однесуваат на економски развој на земјата, борбата со корупцијата и организираниот криминал и заштитата на македонското име, идентитет и јазик. Ние остануваме во спроведувањето на овие програми, но притоа и ќе се фокусираме на нашите заеднички определби. Затоа ДОМ и ПЕИ ќе воспостават поширока соработка помеѓу телата и органите на двете партиии и со тоа ќе бидеме подготвени да ги пречекаме идните претседателски, локални и други избори, а со нашата соработка веруваме дека ќе придонесеме за двете партии, владината коалиција и државата во целина.