Позитивна оценка по 100-те дена

ДОМ позитивно ја отценува работата на владата во изминатите 100 дена. Работеше според програмата за која сме се договориле, со истиот ентузијазам и динамика како и во претходниот мандат. Владата успеа да го задржи курсот на економскиот развој и борбата со организираниот криминал и корупцијата што беа главни барања на нашите граѓани со години. 

ДОМ е задоволен и од реализацијата на нашите програмски приоритети: екологија, туризам, социјална политика, еднакви можности за сите.

Екологијата и туризмот за прв пат сериозно се третираат од една влада. Одамна немало подготвеност од државата за толкав број сериозни инфраструктурни еколошки проекти и многубројни акции и активности за решавање на проблемот со јавната чистота и водите.

Интересно е што токму оваа влада, со десна партија како носечка обезбеди, поголеми социјални права за граѓаните од сите досегашни т.н. леви влади. Ги обештети стечајците, ги зголеми платите и пензиите и спроведе серија програми за посебно ранливи категории. Тоа е така зашто оваа Влада за прв пат прифати дека социјалните права се дел од вкупните човекови права и како европски стандарди мораме да ги прифатиме, независно од идеолошката ориентација на Владата.

Во поглед на еднаквите можности задовони сме што со поддршка на Владата се направија сериозни чекори напред во борбата со семејното насилство, женското здравје и борбата со ракот кај жените.

ДОМ и даваше и дава силна поддршка на Владата во поглед нанадворешната политика во интерес на државата. Во борбата за името, јазикот и идентитетот, убедени дека без нив нема ни опстанок на македонската држава, ниту стабилност и безбедност на регионот.

Во иднина ДОМ очекува:

  • поголемо внимание на лицата со посебни потреби, конечно да се донесе системски закон и да се спроведе.
  • зајакнување на меѓународната промоција на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитет. Сметаме дека Годината на македонскиот јазик не ја исполни докрај својата функција за промоција во светот и на тоа треба да се посвети внимание во наредниот период.
  • поголемо внимание за рамномерен развој на источниот и југозападниот дел на Република Македонија, кој е претежно рурален, неразвиен и подложен на огромни миграции. Потребни се посебни програми и средства, за кои ќе инсистираме заедно со колегите од ПЕИ.