Зелените ги уриваат бариерите

Делегацијата на ДОМ, во состав, Лилјана Поповска, Антони Новотни и Тони Ристов, присуствуваше на регионалната конференција „Зелен Балкан“, организирана од Европските Зелени, која се одржа во Солун од 6 до 8 јуни, со присуство на зелени партии од Балканот, но и од Украина, Турција, Молдавија, Кипар, Австрија, Шведска и Холандија. 

На конференцијата во пријателска и конструктивна атмосфера се дискутираше за прашања поврзани со заштитата и унапредувањето на еколошките прашања, како што се нуклеарните централи на Балканот и алтернативните извори на енергија,  климатските промени, опасностите од шумските пожари, заштитата на водните ресурси и нивно менаџирање. Од изнесените дискусии по темите беше заклучено дека соработката е на многу ниско ниво и дека е неопходно регионално интензивирање на соработката на сите Зелени партии – изјави Поповска. 

На тродневната конфереција беше усвоена и заедничка изјава на Зелените партии со која се поттикнуваат на соработката во изградбата на мирот, демократијата и стабилноста на регионот: се повикуваат владите и институциите да ги развиваат и засилат Националните акциони планови за одржлив развој; се повикуваат сите, да ги надминат постоечките етнички и национални тензии, првостепено со почитување на човековите права, слобода на организирање, слобода на изразување и правата на малцинствата; се нагласи важноста на дипломатските и политичките напори за интензивирање и решавање на постоечките разлики кои се однесуваат на името на нашата држава и притоа да се земат во предвид поранешните спогодби и да се почитуваат чувствата на двете страни; се повикува ЕУ да придонесе во продлабочувањето на соработката на Балканоти негово побрзо интегрирање според постоечките критериуми за членство во ЕУ; отстранување на визните бариери.

                    Делегација на ДОМ со Anne de Boer од Холандската зелена партија

09.06.2008