Еден ден пред официјалниот старт на кампањата за парламентарните избори 2008 на плоштадот “Македонија”, во поранешниот објект Метропол беше отворен Централниот изборен штаб и Прес центарот на Демократската обнова на Македонија – ДОМ.
Обраќајќи се на многубројните членови и симпатизери на ДОМ, Лилјана Поповска, претседателот на ДОМ и кандидат за пратеник во И.Е. 1 на листата на коалицијата “За подобра Македонија” истакна дека влегувањето на ДОМ во оваа коалиција е логичен чекор по двегодишната добра соработка со ВМРО-ДПМНЕ, во која владеачката партија и премиерот Никола Груевски дадоа силна поддршка на заложбите и проектите на ДОМ во областите на екологијата, туризмот, културниот и јазичен идентитет, социјално маргинализираните групи, еднаквите права за сите и здравствената заштита на жените. Таа ги информираше присутните дека Прес центарот во изборниот период ќе функционира и како дневен дебатен клуб за сениорите и вечерен за јуниорите, а дебатите ќе ги отвораат најактуелните теми за македонските граѓани.
Соња Лепиткова, заменик министер за животна средина и претседател на Централниот изборен штаб на ДОМ, потенцираше дека „За подобра Македонија” е победничка коалиција која ги исполнува своите изборни ветувања и знае како да ја спроведе преродбата во земјата и дека ДОМ на овие избори максимално ќе се ангажира да ги увери во тоа и граѓаните на Македонија.
Министерот за финансии и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славевски, пренесувајќи ги поздравите од претседателот на неговата партија и премиер Никола Груевски, во своето обраќање истакна дека ДОМ, со своите заложби и кадровскиот потенцијал, е бисерот на коалицијата „За подобра Македонија” и изрази желба за натамошна плодна соработка на двете партии.