Кандидати за избор на пратеници

Лилјана Попоска

Претседател е на политичката партија ДОМ – Демократска обнова на Македонија, центристичка партија со силни заложби за еднакви можности на сите граѓани, заштита на животната средина и културниот диверзитет, како и за развој на туризмот. 


Активен поддржувач на цивилниот сектор како важен сегмент на демократскиот развој, борец за правата на жените, лицата со хендикеп и социјално маргинализираните. Координатор е на Македонското женско лоби и иницијатор за парламентарното лоби за лицата со посебни потреби. За сите овие активности е добитник на повеќе признанија, меѓу кои и на Мајка Тереза. 
Активен лобист за развој на туризмот во Република Македонија и регионот, во соработка со туристичките работници и асоцијации. 
По образование е инженер технолог, магистер по технички науки, со награди за иновации и технички унапредувања.

Горан Синадиновски

Сопственик и управител на приватното производствено претпријатие „Еуро Метал Мебел” кое се занимава со производство на метален мебел, изработка на монтажни и челични конструкции, браварија и сл. Инаку, апсолвент е на градежниот факултет во Скопје. Оваа фирма, иако спаѓа во редот на малите и средни претпријатија низ годините постојано се докажува со својот квалитет, стручност, екипираност како на домашниот, така и на странскиот пазар.


Синадиновски учествувал во изработката и имплементацијата на првата програма за културна и меѓуетничка соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија, во подготовката на програмата за развој на етно-туризмот во РМ, во изработката на брошурата за презентација на нашата држава во Италија која е факултативно застапена во основното образование во оваа земја. Организирал низа гостувања на естрадни уметници во странство, учествувал во организацијата на дискотеки за млади, на првата летна детска програмска континуирана забава за деца „Пиколино”, ја изработил првата новогодишна и божикна честитка на македонски јазик која е дистрибуирана ширум светот.


Тој е од самиот почеток од формирањето на партијата, односно беше член на иницијативниот одбор за формирање на Демократската обнова на Македонија. Во моментов е претседател на ОО Тетово, член е на Ц.О. на ДОМ и кандидат за пратеник на листата во И.Е. 6 од коалицијата „За подобра Македонија”.

Звонко Шаврески

Звонко Шаврески од поодамна и е познат на македонската јавност како претседател на НВО „Полио Плус”, движење за правата на лицата со посебни потреби. Шаврески, како дипломиран правник и експерт за човекови права е иницијатор и лидер на првата успешна граѓанска иницијатива во Македонија чија цел е донесување на закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп низ парламентарна процедура, за подигнување на свеста за почитување на различностите, како и за развој на мрежа на невладини организации за правата на хендикепираните.

Со својата силна посветеност, тој успеа да издејствува формирање на интерпертиска парламентарна лоби група за лица со посебни потреби, прва од таков вид во Македонија. Поради сево ова Шаврески е и претставник на ад хок Комитетот на ОН за Конвенцијата за заштита на правата на лицата со пречки. Со својата активност тој го поддржува развивањето, имплементацијата и мониторингот на политиките за подобрување на правата на овие лица. Како експерт, тој е член на владината комисија за донесување закон за заштита од дискриминација. Звонко Шаврески е писател, публицист и главен и одговорен уредник на списанието „Вулкан”, гласило на лицата со посебни потреби.

Коавтор е на неколку стручни публикации. Во ДОМ е од основањето на партијата. Член е на Извршниот одбор и претседател на комисијата за социјална политика. На парламентарните избори 2006 беше кандидат за пратеник на листата на ДОМ, а на актуелните избори 2008 Звонко Шаврески е кандидат од ДОМ на коалицијата „За подобра Македонија” во И.Е. 3.