
Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Куманово, м-р Сретен Стојковски, во видео-обраќање најави јасни урбано-еколошки стандарди, како што се задолжително зеленило, ред во управувањето со отпадот и системски решенија против поплави.
„На градежниот цинизам ќе одговориме со мерка: најмалку 20% зеленило на секоја градежна парцела — не како декоративна мисла, туку како обврска што ќе се почувствува во секоја населба,“ порачува Стојковски.
Тој посочи дека Куманово мора да воведе ред во третманот на градежниот и габаритниот отпад.
„Каде што денес завршува шут, утре ќе стои ‘зелен остров’ — место за градежен и габаритен отпад со ред и трага. Нашите реки и улици не се канализација“, порачува Стојковски.
Тој најавува и приоритетна инфраструктурна интервенција во атмосферската канализација на Куманово.„Кога ќе заврне, кумановчани и кумановки не смеат да стравуваат за своите домови. Ќе бараме доизградба на атмосферската канализација — од сегашните 22% покриеност кон целосно одвојување на дождовницата, за да не ја гуши фекалната мрежа и пречистителната станица,“ вели носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Куманово, м-р Сретен Стојковски.
Линк до видеото: https://www.facebook.com/reel/1475981630340764



