
Носителот на листата на советници на „Коалицијата за зелена иднина“ во општина Карпош и ко-претседател на зелената партија ДОМ, Александар Анѓушев, преку видео-обраќање испрати порака дека Карпош мора да се врати на граѓаните, со правила што важат за сите и со приоритет на зеленилото и јавниот интерес.
„Карпош, мојот и вашиот дом, заслужува чесен збор. Со години гледаме како општината ни се дели како плен. Во позадина — лицитации меѓу моќници, а на преден план — изморени лица“, порачува Анѓушев.
Во видео обраќањето, тој остро ја критикува праксата на партиско-бизнис застапување на сметка на јавниот интерес.
„Болно е кога твоето маало станува жетон на масата меѓу партиски брокери и градежна мафија — кога секое маало се крои по туѓ проект и туѓ профит“, вели Анѓушев и притоа нагласува дека граѓаните секојдневно го чувствуваат товарот од ваквите политики.
„Денес Карпош го чувствува тоа на своја кожа: зеленилото узурпирано од бизнис-интереси, брутална урбанизација што ни го јаде просторот, огради што никнуваат побрзо од дрвја“, вели Анѓушев.
Како јасен одговор оваа пракса, Анѓушев ја најави насоката на Коалицијата за зелена иднина во Советот на општина Карпош.
„Ние ќе повлечеме јасна линија — јавен интерес ќе биде пред профитот. Карпош мора да биде општина за живеење, а не за преживување,“ порачува Анѓушев.
Во таа насока, тој истакна дека советничката група на Коалицијата за зелена иднина ќе инсистира на транспарентни одлуки, заштита на зеленилото и прекин на урбанистичките злоупотреби, со цел да се врати достоинството и чувството на сигурност во секојдневниот живот на карпошани и карпошанки.
Линк од видеото: https://www.youtube.com/shorts/6I9AV3KVg4Y



