
„Влегувајќи во големите коалиции, веднаш после изборите стануваме сенки. Доста е од тоа. На тој начин не можеме да го артикулираме гласот, а ДОМ е токму за тоа, да биде коректор, да биде отворена кон граѓанските активисти, каде што има прекрасни луѓе“ порача ко-претседателот на ДОМ, д-р Антони Новотни, во гостувањето на емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Тој нагласи дека Зелената партија ДОМ сака да зборува за тоа што да се направи за да се живее подобро, притоа додавајќи дека партијата е за отворен модел на политика кој го враќа гласот кај оние што навистина заслужуваат да бидат слушнати.
„Ќе успееме да најдеме луѓе кои ќе мислат не по централизиран систем, не по прилагодување по партии, роднини и слично – туку ќе дејствуваат како зелени советници, по меритократски систем. Мораме да проговориме и да бидеме гласни – зеленото прашање е целото наше живеење, почва, вода, воздух, бука, се’ е срочено во зелените политики“, рече ко-претседателот д-р Новотни.
Според него, македонската политика повеќе од три децении не произведе функционален систем, туку го репродуцира истиот затворен круг на слепа партиска лојалност и неподготвеност за промена. Тој ја нагласи отвореноста на ДОМ и кон малите политички партии со слична визија.
„Ние сме отворени и кон малите партии, кои имаат слична програма, идеологија која е блиска до нашата, кои имаат визија за Македонија“, рече д-р Новотни и додаде дека тоа значи дека ДОМ останува верен на најавениот принцип на отворени листи и дијалог со секој кој има конкретна идеја за подобра Македонија.
„Убедени сме дека ќе има поединци кои ќе зборуваат и нема да ги изневерат идеалите кои ги носиме со нас,“ изјави Новотни, апелирајќи за храброст и политичка чесност кај идните советници и партнери.
Тој остро се осврна и на перцепцијата дека големите партии поседуваат монопол врз гласовите.
„Големите партии прават привид дека нивните пулови со гласови се големи, а каде се оние што не излегуваат да гласаат, политички апатичните? Токму тие граѓани се клучот кон новиот бран политики што ги носи ДОМ, политики кои се искрени, зелени и отворени“, порача ко-претседателот д-р Новотни.