Александар Анѓушев од ДОМ: Развојот мора да биде рамнотежа, а не пустошење на природата

aleksandar anѓushev dom
Александар Анѓушев, ДОМ, 05.07.2025, Интервју на Канал 77

„Развојот е оправдан само ако не значи одлевање пари во приватни џебови и губење на почвата од која се храниме,“ порача ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев во гостувањето на емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Коментирајќи ја темата на отворање нови рудници и изградба на мали хидроцентрали, Анѓушев нагласи дека ДОМ не е против  развојот, но развој може да има само ако се воспостават механизми да не се одлеваат парите на граѓаните во приватни џебови.

„Ние не сме за сè против. Треба да се воспостави рамнотежа меѓу профитот и природата. Ако тоа е самоодржливо, ние секогаш ќе ја прифатиме таа самоодржлива рамнотежа,“ заклучи ко-претседателот на ДОМ, повикувајќи на нов модел на развој што ја чува природата, создава зелени работни места и гради просперитет без уништување.

„Има мали хидроцентрали и во други земји, ама никаде не се канализирани во цевка, како што се прави овде кај нас,“ рече тој, укажувајќи дека дури и развојот на обновливи извори мора да се темели на заштита на животната средина, а не на сурова експлоатација.

Во однос на состојбата со локалната самоуправа, тој предупреди, прашувајќи: „Колку може да издржат општините за да не бидат поклопени од централната власт?“ Според него, неопходна е темелна промена во фискалната и даночната политика на локално ниво.

„Ако е некој енергетски ефикасен објект, тој би вредел поинаку на пазарот, поинаков би се даночел,“ посочи Анѓушев, повикувајќи на нов  даночен систем кој ќе стимулира одговорно градење во Македонија. Во спротивно, како што вели „ќе дојдеме во момент кога сите зелени површини ќе бидат окупирани и изградени со згради.“

Анѓушев смета дека во урбанизмот мора да се направи пресврт и да се вреднува еколошкиот квалитет на просторот, наместо само квадратурата и бетонизацијата. Зелената партија ДОМ верува дека заедно со поборниците за локални политики независни од политичките мастадони ќе успее во намерата нашата држава конечно да тргне по зелениот и еколошки европски пат.