
Националните паркови се срцето на природното богатство во нашата земја. Тие не се само засолниште за биодиверзитетот и сведоштво за нашето природно и културно наследство, туку и огромен потенцијал за одржлив развој. Преку правилно управување, овие подрачја можат да бидат двигател на алтернативните форми на туризам, одржливото земјоделство и сточарството што директно придонесува за зачувување на животната средина, развој на руралните заедници и подобар квалитет на живот за локалното население.
Овие предности ги истакна и европратеникот од австриските зелени, Томас Вајц, за време на неодамнешната посета на Националниот парк Маврово и средбата со директорот Харис Ибраими. Притоа, на средбата тој нагласи дека ќе се заложи Македонија да добие праведен третман во процесот на пристапување кон ЕУ, како и подобри можности за користење на европските фондови – што е од клучно значење за зачувување и унапредување на овие природни богатства.
Во оваа насока, зелените политики играат сè поважна улога во одржливиот развој и заштитата на националните паркови, кои воедно се дел од најважните програмски приоритети на ДОМ. Затоа, неопходно е континуирано да се зголемува свеста, да се градат стратегии за паметно управување и да се искористат сите можности што ги нуди европската поддршка. Само така ќе можеме да ги зачуваме овие природни богатства и да ги претвориме во клучен двигател за одржлив развој – во интерес на природата, локалните заедници и идните генерации.