ДОМ: Нападот на Украина е и напад врз владеењето на правото, демократијата и мирот во Европа

ДОМ го споделува заедничкиот став на Европските Зелени дека енергетската политика повеќе не е само економско и прашање на заштита на животната средина и климата, туку и прашање на безбедност. Да се биде енергетски независен од фосилните горива е стратешка неопходност.

Зелената партија ДОМ ја осудуваме руската инвазија на Украина и кршењето на основните принципи на меѓународното право и повикува на итен прекин на воените дејствија, велат од партијата за ЦИВИЛ Медиа.

„Во Украина да продолжат дипломатски напори за постигнување мирен исход. Изразуваме солидарност со украинскиот народ и поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. За таа цел учествувавме и на мирниот протест во Скопје, под мотото “Застанете со Украина”.

Ова не е само напад на територијалниот интегритет на Украина, туку напад врз владеењето на правото, демократијата и мирот во Европа. Како дел од Европското зелено семејство ја поздравуваме обединетоста на прогресивните демократски сили во спроведувањето санкции, како дел од координираните напори.

Воведувањето санкции кон Русија ќе има влијание врз глобалните економски односи, вклучително и на Балканот. За Македонија, поради ниското ниво на трговска размена со Русија, проценките се дека ќе нема директни рефлексии по македонската економија, но секако поради поврзаноста со европската економија и ние ќе почувствуваме економски последици. Веќе е евидентно негативното влијание од растот на цените на гасот и нафтата на светските берзи. Во овој контекст, ДОМ го споделува заедничкиот став на Европските Зелени дека енергетската политика повеќе не е само економско и прашање на заштита на животната средина и климата, туку и прашање на безбедност. Да се биде енергетски независен од фосилните горива е стратешка неопходност.

Што се однесува до политичко безбедносната состојба во регионот, постои загриженост која некои аналитичари ја споделија во медиумите и особено се посочи Босна и Херцеговина. Очекувам одговорен пристап од сите политички чинители на Западен Балкан и зачувување на мирот и безбедноста во регионот. Сметам дека безбедносната состојба на нашата држава, која е полноправна членка на НАТО, ќе остане стабилна“, велат од ДОМ за ЦИВИЛ Медиа.