ДОМ како полноправна членка на Европското зелено семејство најстрого ја осудува војната на претседателот Путин против Украина. Целосната руска инвазија претставува директен напад врз суверенитетот на Украина и е флагрантно кршење на меѓународното право.
Ова не е само напад на територијалниот интегритет на Украина, туку брутален напад врз владеењето на правото, демократијата и мирот во Европа – темелите на кои беше изградена Европската унија по Втората светска војна.
Ги поздравуваме санкциите што ги воведоа ЕУ и нејзините сојузници. Европа мора да остане обединета и да продолжи со санкциите како дел од координираните напори.
Воедно, ја поздравуваме решителната акција на германската влада за замрзнување на гасниот проект Северен тек 2 и инструменталната улога што ја одиграа германските Зелени (Bündnis 90/Die Grünen) во оваа одлука. Кризата ја илустрира стратешката неопходност да се биде енергетски независен од фосилните горива. Енергетската политика е прашање на безбедност.
Почитувањето на суверенитетот на Украина подразбира почитување на нејзиното право слободно да ги избира своите сојузици. Украина има право на слобода и демократија и ние мора да дејствуваме брзо за да ги заштитиме овие права.
Затоа повикуваме на:
- Дополнителни и засилени санкции и нивно брзо имплементирање од страна ЕУ и сите нејзини земји-членки
- Исклучување на руските банки од меѓународната банкарска мрежа SWIFT
- Што поскоро стопирање на увозот на гас, нафта и минерали од Русија
- Сите поранешни владини претставници на ЕУ и земјите-членки да се повлечат од функциите во руските компании
- Запленувањето на сите средства на руските функционери одговорни за поддршката на инвазијата и замрзнувањето на имотот на Путин
- Проширена поддршка за украинските бегалци, вклучително и обезбедување засолништа, медицинска помош и информации, како и создавање хуманитарни коридори
- Продолжени дипломатски напори за постигнување мирен исход
- Забрзување на енергетската транзиција за да се замени увозната зависност на Европа од гас и нафта за да се зајакне нашата енергетска независност и безбедност
- Инструмент за солидарност, вклучувајќи зголемена финансиска поддршка (не ограничена на заеми и кредитни гаранции) за Украина
- Финансиска помош за земјите-членки за да помогнат во справувањето со економските последици од воведените санкции
- Подобрување на капацитетите на ЕУ за сајбер безбедност и поцврста стратегија на ЕУ за справување со големи кампањи за дезинформација
Европската зелена партија цврсто стои со Украина и ја изразува својата солидарност со нејзиниот народ. Ќе се приклучиме на собирите кои повикуваат на мир и крај на руската агресија што се случува низ Европа, за да ја покажеме нашата поддршка за Украина. Ги охрабруваме сите европски граѓани да ни се придружат.