Одговори на прашањата од редакцијата – Рената Донева, кандидат за советник

renata

Претставете се пред гласачите: кои сте, од каде потекнувате, со какво образование и работно искуство сте? Со што до сега сте помогнале на народот во Свети Николе и Овче Поле?

Јас сум Рената Донева, родена во Св. Николе и целиот мој живот, од моето раѓање – досега го имам поминато во Св. Николе. Член сум на политичката партија – Демократска Обнова на Македонија – ДОМ и носител на листата за советници на движењето ОДЛУЧНО за промени, на Коалицијата ДОМ и ЛДП. По професија сум дипломиран инженер агроном со 26 годишен стаж во ЈКП „Комуналец“, на моментална позиција Раководител на паркови. Одговорна сум за хортикултурното уредување на градот, професија која ми дава мотивација, која ме расположува и која секогаш ја извршувам со огромна љубов и внимание, целосно посветено да го извадам максимумот од предвиденото за таа намена. Тоа ми е најголемата инспирација, бидејќи, на тој начин на нашиот град сакам да му дадам живост, веселост, за кои сите можеме да посведочиме. 

Како вработена во ЈКП, секојдневно слушам и сум запознаена со секојдневните проблеми на нашите сограѓани во однос на незадоволство, пред сѐ на елементарните услуги кои се во надлежност на претпријатието, нешто што особено ме загрижува, затоа што сметам дека денес, во 21 век, за таквите проблеми не треба да се разговара, туку истите преку добро менаџирање и следливост би биле примарно извршени во согласност со сите процедури и барања. Затоа, една од првите работи кои што би ги дискутирале како дел од идниот Совет би било добро, здраво и разумно менаџирање со јавните претпријатија, условите за јавна чистота да бидат исполнети согласно сите стандарди и барања предвидени со Законски акти и истите да се почитуваат, бидејќи на тој начин би се развила и колективната свест и совест за чиста околина, и проблемот не би бил проблем. Да ја затвориме оваа тема и да се насочиме кон она што е иднината на околината и самите нас посуштествено. Да не се фалиме со слики за она што ни е задолжение да го направиме и овозможиме. Затоа што, сите ние, на свој начин придонесуваме во градење на ова општество и нашата средина и околина, без разлика дали работиме во приватна фирма, јавно претпријатие или администрација – сите треба да си ја извршиме одговорноста што ни е доделена, како би биле корисни, задоволни и среќни. 

Затоа, овој простор за мое обраќање ќе го насочам генерално кон нашите цели и визија, а за конкретните локални проблеми ќе се бориме што поскоро да се најде решение, како би се насочиле заеднички кон сите други потенцијали што ни ги нуди чистата и здрава природа.

На кој начин се кандидиравте и зошто се кандидиравте?

Нашата советничка листа е дел од Движењето Одлучно за промени на Коалицијата ДОМ и ЛДП. Целта на нашата кандидатура и лично мене како носител на истата е заеднички да направиме промена, да испратиме јасна и гласна порака дека сакаме зелена, достоинствена, модерна и чиста општина, со развиена локална економија, со нови работни места, со индустрија, со развиена и урбанизирана инфраструктура, здрава животна средина, општина во која младите својата идина ќе ја гледаат и градат овде.

Инспирацијата за оваа битка има и емотивна димензија. Овде се родив, овде растев, овде се школував, овде формирав семејство, овде професионално се градев и реализирав, овде се моите пријатели, соседи, овде сте вие, мои сограѓани, овде е нашиот дом. 

Премногу лични работи за да дозволам немо да гледам како сограѓаните со години се маргинализирани, фрлени на работ од егзистенцијата, како чекорат по раскопани улици, како немаат квалитетна вода за пиење, како немаат место на кое може да се рекреираат… Едноставно, не можам повеќе да дозволам да гледам како Свети Николе умира, пропаѓа, како да е заглавено на почетокот од 20-тиот век, со неасфалтирани улици, неподнослива реа од неисчистените речни корита и смет насекаде низ градот, економски на колена и со иселена младина.

Што ќе направите во врска со невработеноста во Општината, дали имате конкретен план за инвестиции и нови работни места? Дали имате стратегија за создавање на подобра работна клима за микро и малите бизниси во Општината?

Пред да одговорам на ова прашање, би сакала да се заблагодарам за вашата иницијатива преку одговарање на вашите прашања да ги доближиме нашита заложби и мисија во периодот што следува. Како дел од Коалицијата на ДОМ, нашите политики би биле главно насочени кон озеленувањето на економијата кое на денешно време треба сериозно да се сфати како нов начин за напредок, извор на нови, одржливи работни места, алатка за искоренување на сиромаштијата, метод за одржлива заштита на животната средина. Транзицијата кон зелена економија е почетокот на стратегијата за одржлив развој, особено на локално ниво. Таа отвора можности за граѓаните, за малите и средните претпријатија, за општинските власти. Зелените работни места, кои се креираат со зелената економија, најчесто се локално ориентирани, бидејќи потребата од нив е итна и во градежништвото и во активностите за заштита или употреба на природните ресурси, како што се: инсталација и одржување на системи од/за обновливи извори на енергија, алтернативен транспорт, инсталирање и изградба на опрема и материјали за енергетска ефикасност, заштита и управување на водата и водните ресурси, современо управување со отпадот, зелено градежништво, рециклирање, локален одржлив систем за производство и дистрибуција на храна, чистење и конзервација на почвите и водите, одржливо управување во дрвната индустрија итн.

Во овој контекст, како една од приоритетните задачи на нашата коалиција е развој и промоција на Еко-туризмот, преку кој би се отвориле и нови работни места, а би биле вклучени сите страни кои придонесуваат за развој на општината.

Еко-туризмот во следните неколку години се очекува да биде движечка сила за поддршка и промоција на руралните општини преку развој на локалната економија, со што ќе се обезбеди директен финансиски бенефит за локалното население, ќе се создадат услови за отворање на нови зелени работни места и ќе се намали миграцијата кај младото население. Првенствено, нашите заложби би биле во контекст на:

  • Основање на регионални центри за обука на локалното население за создавање и понуда на атрактивни туристички производи;
  • Изработка на проекти преку кои ќе се поддржи користењето на финансиските средства од ЕУ и други донатори за подобрување на туристичката понуда на локално ниво;
  • Обезбедување на грантови за создавање на сместувачки капацитети во руралните општини за туристички цели;
  • Даночни олеснувања за инвеститорите кои ќе градат еко-туристички капацитети по сите светски стандарди за одржливост;
  • Обнова и пренамена на објекти кои се во сопственост на општината, создавајки услови за развој на туристичката понуда;
  • Воведување на нов модел на субвенционирање кој ќе даде поддршка за домаќинства и микро-бизниси што даваат услуги за алтернативен туризам;
  • Создавање на фонд за развој на рурален туризам. 

На каков начин ќе се справите со еколошката катастрофа во Општината?

Главна цел и мисија на нашата коалиција е заштитата на природата, а преку тоа и заштитата на сите нас, и ова е можеби најглавната тема на глобално ниво за која ,пред сѐ, треба да ја развиеме личната самосвест и која што бара континуираност и постојана мотивација кон достигнување на саканите резултати кои би имале само позитивен бенефит врз сите нас. Накратко ќе се обидам генерално да ги издвојам технички најглавните заложби кои како членови од советот постојано би ги мониторирале и имплементирале, а нашите заложби во однос на оваа тема би биле уште поконкретни. 

 Интензивната индустријализација и глобализација во последниов век вршат континуиран притисок врз животната средина, преку трошење на природните ресурси, емисија на загадувачки материи во воздухот и отпадни материи во водите и почвата. Како резултат на овие притисоци, животната средина постојано се менува. Последиците се видливи во глобални рамки преку климатските промени, а се конкретни и видливи, како: оштетувања на локално ниво, преку загадување на почвата која нѐ храни, водите што ги пиеме и воздухот што го дишеме. Од ден во ден се зголемува бројот на граѓани кои сметаат дека промените во животната средина влијаат врз здравјето на нивните семејства. Ние, од Коалицијата Одлучно за промени, ќе се залагаме за минимална и рационална употреба на ограничените ресурси и максимална употреба на обновливите ресурси, како и за одржлив развој како економски и еколошки концепт. Советниците на ДОМ ќе се залагаат за зелени општни, како услов за здрав живот, преку: 

  • Задолжително вклучување на компонентата заштита на животната средина во процесот на донесување одлуки во планските решенија кои се во надлежност на единиците;
  • Правилно спроведување на процесот за добивање Б интегрирани еколошки дозволи за малите производни капацитети, кои се во надлежност на единиците на локалната самоуправа и континуиран ангажман на локалните инспектори за животна средина за навремено спроведување на мерките пропишани во оперативниот план;
  • Правилна имплементација на стратегиската оцена и оцената на влијанието врз животната средина како сегменти од процесот на донесување одлуки во планските решенија кои се во надлежност на единиците на локалната самоуправа и навремено вклучување на компонентата заштита на животната средина во процесот на донесување одлуки; 
  • Зголемување на бројот на инспектори за животна средина;
  • Поддршка за заштита на шумите и шумскиот биодиверзитет и одржливиот начин на нивно користење како важен столб на локалната економија;
  • Заштита на шумите и шумските ресурси од нелегална сеча и трговија со огревно дрво; 
  • Мобилност во спречување на шумските пожари и целосно мобилизирање на локалните ресурси;
  • Заштита и одржливо управување со водите и водните ресурси, со третман на отпадните води;
  • Воведување на еколошката ознака за локални традиционални производи како бренд и нивно вклучување во туристичката понуда;
  • Заштита на историски локалитети и делови од природата кои имаат карактер на природно наследство;
  • Имплементација на системот за интегрирано управување со отпад, на општинско ниво;
  • Расчистување на дивите депонии во сите локални заедници;
  • Замена на сите азбестни плочи во јавните установи на подрачјето на општините;
  • Заштита од бучава;
  • Поставување мониторинг станици во близина на индустриски капацитет.

Ова се само мал дел од работите кои, пред сѐ, како граѓани сме должни кон природата да ги почитуваме и исполниме, а ова би го постигнале преку реализација на следниве проекти:

  • Заштита на подрачја и локалитети во општината со  природни вредности, како природно наследство;
  • Активности за расчистување на дивите депонии;
  • Еко-патроли кои ќе имаат надлежност за мониторинг на објектите;
  • Кампањи за подигање на јавната свест и одбележување значајни датуми и настани од еколошкиот календар, особено кај најмладите;
  • Задолжително еколошко образование од најмала возраст;
  • Посвои дрво – Граѓански активизам за посвојување дрва, со создавање регистар на сертифицирани физички лица кои ќе преземат одговорност да одгледуваат и да се грижат за дрво кое самите ќе го одберат или посадат. Јавните претпријатија ќе им помагаат со совети за успешно одгледување;
  • Компостирање отпадна биомаса од парковите и останатите зелени површини;
  • Селектирање и рециклирање на отпадот на локално ниво;
  • Проект за конечна санација и заштита на речното корито;
  • Грижа и уредување на зелена површина – Општините  и јавните претпријатија ќе ја поттикнуваат општествената одговорност за зелената инфраструктура на правните и физичките лица (граѓани, претпријатија, куќни совети, училишта, државни и приватни институции, дипломатски претставништва и др.), кои ќе преземат одговорност за развој на зелената инфраструктура во градовите. Овие лица преку донации или директно ќе можат да се вклучат во грижата и уредувањето на одредена зелена површина, а притоа ќе бидат советувани од јавните претпријатија.

Ќе направите ли истражувања за причините за многуте болести во Општината?

Како дел од зелената партија, наша должност е, пред сѐ, квалитетниот и здрав живот на нашите сограѓани. Во таа насока, ќе бидеме првите кои што ќе почнат темелна анализа за причините од сѐ она што предизвикува кумулативен ефект во организмот на човекот, за кој и самите не сме свесни што би можело да биде предизвикувач. За таа цел, ќе вршиме редовни акредитирани испитувања на водата, почвата, воздухот, а ќе нудиме и решенија за евентуалните намалувања на сите параметри кои не ги исполнуваат Законските барања и максимално дозволените концентрации на одредени материи кои имаат негативен ефект во нашиот организам. За сето ова јавно би ги информирале граѓаните, како би го заштитиле нивното здравје, кое е наш прв приоритет.

Дали се залагате за референдум за „фабриката за обработка на отпад“  од 20 општини?

Членовите на Советот на Коалицијата Одлучно за промени би ја прифатиле секоја иницијатива за распишување на референдум почитувајќи го, пред сѐ, изборот и гласот на граѓаните на Св. Николе, како најмногу засегнати во однос на ова прашање.

Со што ќе им помогнете на земјоделците и сточарите?

Во земјоделството, заради сѐ поголемата потреба од храна, се употребуваат интензивни земјоделски методи за производство на растителни и животински култури. Модерното (индустриско) земјоделство употребува пестициди, ѓубрива и хормони за раст кај животните, кое ги зголемува приносите, но, од друга страна, тоа покренува прашања во врска со здравјето на луѓето и почвите. Од ДОМ сметаме дека сегашните интензивни земјоделски практики треба да се заменат со позелени земјоделски методи. Тоа предвидува изградба на одржливо земјоделство и сточарство кое ќе произведува сезонска, здрава и локална храна. Преку зеленото земјоделство ќе се обезбедат голем број на квалитетни зелени работни места. Глобалната трговија со прехрамбени производи, користејќи ги политиките за безбедност на храната, предизвика масовно затворање на малите локални преработувачки капацитети. Сега имаме здравствено исправни производи со непознато потекло, полни со адитиви и емулгатори, засилувачи на вкус, со неограничен рок на траење. А тврдиме дека се грижиме за здравјето на потрошувачите. ДОМ, преку Советите, ќе се заложи за општински политики кои повикуваат на: 

  • Аграрна и рурална политика за производство на храна која ќе придонесе во заштитата на животната средина и создавање услови за развој на фер трговија;
  • Општински среднорочни планови за развој на земјоделско производство во насока на зголемување на одржливо производство на храна, нови вработувања и обновување на селата;
  • Иницијативи за преминување од интензивното небезбедно земјоделство кон безбедно и органско земјоделство со примена на научни методи;
  • Инвестиции во подобро управување со природните ресурси – почва, вода, биодиверзитет; 
  • Искористување на земјоделската биомаса како обновлив извор на енергија (слама, лозови резници, отпадоци од овошни дрвја, арско ѓубре за биогас и друго);
  • Поддршка за развој на локални капацитети за локални пазари и потрошувачи;
  • Директно поврзување на производителите со потрошувачите преку поставување на договорно производство, посебно на локални органски производи со потврдени вредности. Примерот на задолжителна употреба на органски производи и здраво приготвена храна во исхраната на најмладата популација во градинки, школи, интернати и болници, во некои европски земји ја потврдија загриженоста за здравјето на идните генерации, а ние, благодарение на нашето поднебје, доколку создадеме можност, истото би можеле да го имплементираме и кај нас.

Како ќе ја подобрите работата на локалната самоуправа?

Нашата коалиција се залага за искоренување на досегашните коруптивни практики и стопирање на злоупотребата на моќ и влијание за било каква лична корист од службената положба за лични интереси. Во таа насока, ова прашање ќе го одговорам накратко, користејќи го делот од нашата програма за овие локални избори за Нула корупција. Корупцијата, измамата, сивата економија и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните, институциите и општините. Корупцијата е наш заеднички непријател и потребна е поддршка од институциите на централно и локално ниво и граѓаните во елиминација, односно, ублажување на истата и подобрување на идексот за прерцепција на корупцијата. За таа цел, првично ќе бараме:

  • Да се именува Овластено лице за прием на пријави од укажувачи за сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши коруптивно/измамничко однесување кое е казниво дело, или друго незаконско постапување со кое се загрозува јавниот интерес;
  • Примена на оценката на ризик од корупција во општините за да може да идентификува каде е присутна истата;
  • Спроведување на проактивни мерки со граѓаните преку развој на „етичка” култура, за да се обесхрабри нивното потенцијално коруптивно однесување;
  • Транспарентно електронско следење на предметите што произлегуваат од претставки за корупција;
  • Елиминирање на шеми за корупција и измама во областа на договорите за јавни набавки во општините.

Што ќе им порачате на иселените и оние кои се на сезонска работа во странство?

За жал, скоро и да нема фамилија во нашиот град во која најмалку еден член е заминат во странство, без разлика дали трајно или привремено, а во последниве години таа бројка исклучително се зголемува, сведочејќи за трајното иселување на фамилии кои и во подоцнежни години собираат храброст и во безизлезност го напуштат своето огниште, нудејќи и овозможувајќи шанса за подобар и поквалитетен живот на своите деца. Главната причина за ваквата одлука ни е добро позната на сите нас кои живееме и твориме во Св. Николе. Низок стандард, невработеност, недоверба – се едни од многуте причини за кои нашите сограѓани запаѓаат во безизлезност, наоѓајќи го решението преку напуштање на нашиот град и татковина. Сета таа жртва нѐ боли сите нас и ја доживуваме премногу лично. Затоа што, потсвесно, секој од нас а, за жал, во последно време сѐ повеќе млади, таат желба за заминување во странство, а од друга страна она што повеќе боли е што знаеш дека тоа не го правиш од љубов, туку од „насилна“ потреба за подобро. А тоа подобро е онолку подобро колку што ние му дозволуваме да биде. Затоа, она што останува како наша должност и обрвска е заеднички да си дозволиме на сите кои живееме и твориме во Св. Николе да ни биде подобро. Поради тоа, како советничка група, би ги застапувале сите оние кои се во странство, да не дозволиме и нас истите причини да нѐ стават во ситуација во која ќе бидеме принудени да донесеме одлука да си заминеме во странство туку, баш напротив, конструктивно и заеднички да ги донесуваме одлуките кои се за наша добробит, уште поважно за нашите поколенија, како и за сите оние кои што веќе се заминати во странство. Да ги овозможиме истите услови и кај нас, за секој со љубов да сака да остане и да се врати во нашето убаво Св. Николе.

Истовремено, користејќи ја оваа прилика, упатувам порака до сите оние кои што се иселени да ги споделуваат со нас нивните идеи за она што го искусуваат и наоѓаат како добра практика во местата каде што се иселени, а кое би било од корист за сите нас. 

Дали би се откажале од советничкиот паушал? 

Првична цел како носител на советничката листа на Движењето Одлучно за промени ми е да направиме промени кои би го подобриле нашето секојдневие, на било каков чин. Затоа сум подготвена да го споделам мојот паушал на лица и семејства на кои би им бил од значење, а ова е и добар поттик за сите советници на идниот Совет: месечно да донираме дел од нашиот паушал за различни целни групи и потреби.

Зошто младите треба да ве гласаат токму вас?

Зелената партија ДОМ и Коалицијата Одлучно за промени ги препознава младите луѓе како движечка сила во општеството во која што постојано треба да се вложува. Младите бараат квалитетно образование, младински стандард, здрава животна средина, достапност до информации и вклучување во креирањето на политиките на локално ниво. Затоа, како советничка група ќе се заложуваме за младите, пред сѐ преку принципите споделени во нашата Изборна програма за следниве избори, а дел од нив се:

  • Формирање на независен Локален младински совет;
  • Организирање на тематски отворени форуми за млади луѓе со градоначалникот, членовите на советот и раководните структури на администрацијата и јавните претпријатија;
  • Организирање на Младински економски форуми заедно со бизнис заедницата;
  • Активирање на младински културен центар во општината и бесплатно користење на просториите за проби на млади музички бендови, промоција на книги, изложби и друго;
  • Поддршка на млади креативни луѓе од општината за реализација на перспективни идеи и проектни решенија од посебен буџет за млади;
  • Основање на Инфо-центар за кариерен развоj;
  • Локална младинска картичка со попуст за користење на услуги во рамки на општината;
  • Афирмација на јавни настани од интерес за младите луѓе;
  • Континуирана анализа на вработливоста (employability) на дипломците, со цел да се унапреди образовната ефективност;
  • Едукативни младински еко-патроли организирани во соработка со локалните инспектори за животна средина;
  • промоција на практика за преквалификација и доквалификација на кадар како дел од понудата на високообразовните институции, како и понуда на образование и обука во согласност со пазарот на трудот, особено на локално ниво;
  • поттикнување на култура на практикантство кај младите за време или веднаш по комплетирање на образованието и стимулирање на бизнис-заедницата за користење на придобивките од практикантството.