ИНТЕРВЈУ ШАЌИРИ: На првиот ден како градоначалник во канцеларијата со мене ќе влезат и многу граѓани, од Скопје остана само бетон и ѓубре

be

Вербата во себе и желбата да застане прв во редот за да укаже дека ни е преку глава од празни ветувања, е причината поради која Арбен Бени Шаќири или Бени – Нон стоп влезе во трката за градоначалник на Скопје.

На многумина им беше чудна одлуката на познатиот музичар кој реши се кандидира на локалните избори, а тој вели дека не ја донел преку ноќ. Шаќири жали што многу малку од детските спомени се останати во градот во кој е роден и израснат. „Сè помалку го има и мирисот на липите, кој беше мелем за душа, препознатлив,скопски“, вели меѓудругото во интервјуто за „Фактор“  рокерот, и додава дека ако се случи да победи на изборите, нема да ја запостави музиката.

Кога ја најавивте кандидатурата за градоначалник, на обраќањето рековте дека генерално многу нешта му недостасуваат на ова денешно Скопје. Кои се според тебе  најголемите маани на нашиот град, и како би ги поправил ако победиш на изборите?

Шаќири: Скопје е град кој потклекна под наезда на невкусот, некултурата и недостиг на одговорност особено кај луѓето кои го управуваа години наназад! Една од најголемите маани на градот Скопје е нехигиената, хаотичната и неконтролирана градежна експанзија, и пред сè недостиг на насмеани и среќни луѓе кои притиснати од милион проблеми се најдоа во ситуација во која се! Скопје е сив и депресивен град, а имаше реална шанса да биде убав, чист, зелен, насмеан и ведар град преполн со шаренило! За поправање на состојбите треба да ми се даде доверба и во интензивна соработка и безпоштедна активност со умни стручни и доверливи стручњаци во своите области состојбите ќе се подобрат во огромен процент, најодговорно тврдам.

Кој момент најмногу те натера на овој чекор, како реагираа блиските кога им кажа, сопругата, семејството, пријателите? Имаше ли некој во твоето блиско опкружување кој сакаше да одврати од идејата?

Шаќири: Одлуката не ја донесов преку ноќ. Се разбира дека претстоеа консултации со луѓе од доверба, од семејството и пријателите, но сепак пресуди вербата во себе и желбата да застанам прв во редот за да укажам дека ни е преку глава од празни ветувања и луѓе кои скривајќи се вешто зад некаква програма која патем е најминимално и разочарувачки остварена! Пресуди одлучноста да се обидам да им застанам на патот на импровизацијата и на некадарноста на поединците.

Се слушна ли со актуелниот градоначалник Петре Шилегов, каква беше неговата реакција?

Шаќири: Не. Не гледам причина ниту потреба.

Кога ќе се вратиш назад во твоето детсво и времето на тинејџерските денови, кои ти се најубавите мириси и спомени на тогашно Скопје?

Шаќири: Имав прекрасно, безгрижно детство, растев во Скопје – здраво, нормално и насмеано, многу повеќе зелена површина, со помалку градби, убави луѓе, комшии, сигурно и безбедно од секој аспект. Тука ги завршив сите школи. Имаше музика, филм, театар, ноќен живот најдобар на Балканот, безбеден, за пример. Многу малку од тоа денес е останато! Сè помалку го има и мирисот на липите, кој беше мевлем за душа, препознатлив, скопски. Остана бетон, пластика, ѓубре на сите страни и невкус кој секојдневно сè повеќе и повеќе доминира! Не гледам повеќе ни луѓе кои играат табла ,шах ,домино, за жал тоа скоро и да е искоренето! Скопје се сведе на зависност од невкус и социјални мрежи кои се воведоа за сосема друга намена! Модерно време…

Кои се убавите стари нешта што ги изгубивме од градот, а мислиш дека би можел да успееш да ги вратиш?

Шаќири: Старините треба да ги негуваме,чуваме и возобновиме во граници на возможното, но секако треба да се движиме напред во чекор со светот и да не го занемариме модерното време кое ако не се следи и ако не се искористи паметно и рационално може да нè сомеле и претвори во лоша импровизирана средина што всушност и ни се случува. Маалскиот живот, взаемното почитување, солидарноста се скопски дисциплини кои повеќе речиси и да не постојат. Скопје мора да си го врати сопствениот сјај, а јас ќе работам посветено на тоа и во менаџирањето на градот, исто  како што и досега впрочем се залагав на начин на којшто умеев и знаев.

Врати нè малку назад на твојата прва „свирка“ во Скопје, каде се случи, како помина за првпат пред скопската публика?

Шаќири: Официјално првата свирка пред многу публика ни се „деси“ во Куманово во ноември 2005 и веднаш потоа во Рок клубот „Маракана“ во Градскиот парк каде беше преполно, забавно и незаборавно, а ние вкочанети од трема… во првите 5 минути за да потоа просвириме како што го личи.

Дали и во времето додека трае кампањата ќе настапуваш со својот бенд?

Шаќири: Не. Сепак кампањата е сериозна работа, и бара максимална посветеност без импровизации и фокусирање на потребите и барањата од граѓаните, да поразговараме и да ги сослушаме за да знаеме како понатаму. Настапите може да почекаат.

Да речеме дека ќе победиш на изборите, што би направил првиот ден во твојата градоначалничка канцеларија?

Шаќири: Би примил огромен број на граѓани за да им покажам дека вратата е и ќе биде отворена за нив секогаш, затоа што таа канцеларија не ми е наследена од дома тука би ми била дадена и доверена токму од нив. Да си човек, не е опасно, нели?!?

Го негуваш спортскиот дух, трчаш секој ден на кејот на Вардар. Во кое маало живееш, имаш ли омилени маалски работи и кои ти се омилените скопски ритуали?

Шаќири:Трчањето ме држи свеж, буден, расположен, ја сум скопјанец и сите скопски маалски работи и ритуали ми се блиски…

Татко си на два сина, твојата сопруга Лиса е позната во јавноста, каков татко си, кои се највредните нешта на кои ги учиш своите синови?

Шаќири: Каков татко и сопруг сум е неблагодарно и нескромно да зборувам сам за себе, веројатно тие би требале да дадат мислење. Едно е сигурно, а тоа е дека синовите ги учам онака како што мене ме воспитувале, да бидат воспитани, чесни, образовани, трудољубиви горди на себе и своите корени, секогаш спремни да принесат жртва и пример за општо добро.

Што по изборите без оглед на исходот, остануваш ли и понатаму Бени- Нон стоп, посветен на музиката и можеш ли да најавиш нова авторска музика во скоро време?

Шаќири: Нека завршат изборите, нека се произнесат граѓаните, а потоа ќе видиме што понатаму. На крајот сепак мислам дека воопшто не е проблем да си градоначалник и да создаваш нова музика, напротив, ми изгледа интересно.

превземено од faktor.mk