Денес младинската организација на ДОМ – МОДОМ, одржа онлајн трибина на платформата ZOOM, на тема: Дигитализација во образованието –предизвик или потреба. На настанот модератор беше Бојан Петровски, член на Извршен одбор на зелената партија ДОМ и претседател на МОДОМ, а како говорници се обратија: Александар Пандиловски од МОДОМ, Моника Зајкова пратеничка и член на Клубот за младински прашања и политики, Елена Данова од здружението Еквалис, Драгана Дрндаревска правна советничка Коалиција Маргини и Ервин Реџепагиќ електро инжинер од приватниот сектор.
Пандиловски истакна дека информатичките технологии имаат интензивен и брз развој и го дефинираат општеството. Ние како МОДОМ ја поддржуваме дигитализацијата во образованието како и трансформацијата на дигиталното општество со цел да бидеме во тек со светските трендови. Потребно е Министерството за образование и наука да вложи повеќе напори во информирањето на граѓаните за процесите кои се предвидени.
Елена Данова истакна дека овој закон ќе донесе позитивни промени и ќе даде придонес да се намали дискриминаторската содржина во учебниците, да овозможи полесно учење и усогласување на Законот за дискриминација и законот за образование. Отпорот против дигитилизацијата се употребува како термин во погрешна конотација, истовремено се говори за дискриминација против ЛГБТИ луѓето и другите маргинализирани групи во општеството.
Зајкова посочи дека потребна е дигитализација во сите сегменти на општеството, почнувајќи од институциите, па се до образованието. Концептот треба да се имплементира етапно, моментално сме заглавени во бирократија. Потребни се дополнителни статистики и анализи за можноста и пристап до интернет за сите како и техничка поддршка во руралните средини.
Драгана Дрндаревска истакна дека Предлог законот за улебници содржи соодветни механизми кои ќе овозможат учебници без дискриминација и учебници кои ќе промовираат родова еднаквост, еднакво застапување на лица со попреченост, различните етнички заедници ,солидарност, емпатија и критичко размислување. Учебниците директно или индиректно промовираат и вредности и претставуваат нечии светогледи. Нашите учебници се застарени, промовираат мизогинија, етноцентризам и многу често и расизам. Движењето „учебници и настава мора да има“ шири говор на омраза и нетрпеливост врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет, како и погрешни информации со кои се заплашува јавноста на грбот на маргинализирани заедници. Движењето се залага против родовата еднаквост на која почива нашиот Устав и секоја современа демократија, што е многу опасно, ретроградно и антихуманистичко барање. Со други зборови се користи правото на протест за да се негираат правата на жените и ЛГБТИ луѓето.
Реџепагиќ посочи дека квалитетното образование е цел, а дигитализацијата е само алатка со која побрзо и попрецизно ќе се дојде до информацијата. Решението за можните проблеми како инфраструктура, интернет и мрежа се решава со поттикнување на универзалниот давател на услугата да ја покрие целата територија со интернет, за да можат сите да се вклучат во овој тип на образование. Реџепаѓиќ предложи воведување на Фонд за дигитализација, преку кој би се обезбедиле средства за имплементација на процесот на дигитализација
Во делот за дискусија лидерката и пратеничка од зелената партија ДОМ Маја Морачанин, истакна дека генерално ставовите на ДОМ се и став на панелистите. Неприфатливо е воопшто да се зборува за тоа дали е потребна дигитализација, дури и доцниме. Ако сакаме прогресивно општество иднината е во тој дигитален пристап. На граѓаните треба да им се објасни што значи дигитализација за развојот на идните генерацииа, родителите ќе бидат поспокојни кога ќе имаат повеќе информации. Во однос на содржината ние како ДОМ се залагаме за предметот Сеопфатно сексуално образование да биде задолжителен предмет, бидејќи темите се прилагодени на возраста на учениците. За неа особено е значајно да се делува и на намалување на родовиот јаз во дигитализацијата, што се детектира како предизвик и на глобално ниво.
Професорките Бети Дејанова и Олгица Вељковиќ ја поддржаа дигитализацијата во образованието и сметаат дека е неминова. Дигитализацијата е навлезена во образованието особено во последнава година кога сме соочени со Ковид пандемијата. Вељковиќ ја истакна потребата од формирање на Национален контакт центар за безбедност и заштита на учениците во основните училишта и работилници за родителите на кои ќе им се овозможи пристап до информации за концептот и активностите предвидени во процесот на дигитализација.