ДОМ: Крајно време е ЕУ да ја отвори вратата за Македонија

Зелената партија ДОМ очекува од ЕУ, до крајот на оваа година да ја реализира одлуката од март за почеток на пристапните преговори со Р.С.Македонија, останувајќи доследна на европските вредности.

Во изминатиот период нашата држава вложи огромни напори и спроведе значајни реформи што беше потврдено и од страна на ЕУ. Уверени сме дека уважувањето на апсурдни барања кои не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за самоопределување, како основ за повторно одлагање на почетокот на преговорите, не е во интерес ниту на регионот, ниту на ЕУ.

Дозволете во име на ДОМ, да искажам огромна благодарност за континуираната поддршка од Европските Зелени, за членство на Р.С.Македонија во ЕУ, потенцирана и во соопштението од 16 ноември оваа година, потпишано од копретседателот на Европската зелена партија,Томас Вајц, копретседателот на бугарската зелена партија Борислав Сандов и претседателката на македонската зелена партија ДОМ, Маја Морачанин.

“Европската зелена партија и нејзините партии членки од Бугарија и Северна Македонија силно го поддржуваат започнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија и прифаќањето на рамката за преговори со ЕУ, без одлагање. Цврстата европска ориентација на Владата на Северна Македонија и демонстрираните макотрпни и на крајот успешни напори на државата за спроведување на значајни и неопходни реформи на патот кон членството, беа признати од страна на земјите членки на ЕУ во март 2020 година. ЕУ мора сега да одговори на очекувањата на граѓаните на Северна Македонија за европска иднина, со изразување почит за нивните напори и со конечно отпочнување на пристапните преговори. ЕУ е изградена врз разновидноста на нејзините членки, врз богатата културна историја на луѓето што ја сочинуваат и врз правото на секоја заедница на самоопределување и самоидентификување. Дебатите меѓу соседните земји треба да се решаваат врз билатерална основа и не треба да се користат како преговарачки токени за блокирање на процесите на ниво на ЕУ. Како што е истакнато во Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија од август 2017 година, двете страни ја поздравуваат посветеноста и аспирацијата на Република Северна Македонија за нејзиното интегрирање во европските и евро-атлантските структури. Крајно време е овие зборови да се претворат во акција.”- стои во заедничкото соопштение.

Како што во повеќе наврати истакнавме, ставот на ДОМ е дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат да бидат предмет на преговори. Историските прашања треба да се дискутираат и разрешуваат од страна на експертите од областа на историската наука во мешовитата историска комисија, како што и предвидува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. ДОМ предлага, во интерес на зголемување на довербата и подобрување на процесот, во мешовитата историска комисија да се вклучат и европски експерти кои имаат искуство во комисии од ваков карактер.

Како дел од Владата, ДОМ продолжува активно да придонесува во имплементирање на европските зелени вредности во македонското општество и евроинтеграцијата на Македонија. Апелираме на единство и конструктивен придонес на сите прогресивни сили во надминување на предизвиците со кои нашата држава се соочува во реализирањето на стратешката цел – членство во ЕУ.