Зелената партија ДОМ бара Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за локална самоуправа да извршат инспециски надзор над почитувањето на процедурата за закажување продолжение на седница на Советот на општина Центар, одржана на 04.05.2020 година.
Советничката од ДОМ, проф. Д-р Бети Дејанова, не била информирана за промената на начинот на одржување на вчерашната седница на Советот, со што и било оневозможено да присуствува на седницата. Имено, поради технички проблеми при одржувањето на онлајн седницата на 30.04.2020, седницата била прекината, со цел да се обезбедат технички услови за нејзино продолжување на 04.05.2020. За измената, седницата наместо онлајн, да се одржи на отворено, во дворот на општина Центар, советничката Дејанова не била известена и покрај нејзините обиди да добие информации од општинските служби за времето и начинот на одржување на седницата.
За упад во процедурата на закажување продолжение на седница, јавноста ја информираше и претседателката на Советот, Јана Белчева, која вчера си поднесе оставка од оваа функција. Во изминативе две и пол години Белчева посветено, одговорно и согласно демократските принципи ја извршуваше функцијата претседателка на Советот. Нејзините заложби за активна вклученост и влијание на граѓаните при носењето на одлуките, придонесоа општина Центар да биде препознаена како позитивен пример за функционирање на локалната самоуправа.