ДОМ: Со акција #СелектирамДома, го одбележуваме Денот на планетата Земја

По повод 22 Април, Светскиот ден на планетата Земја, зелената партија ДОМ организира акција за селектирање на отпадот во домаќинствата. Ги повикуваме граѓаните да се приклучат, да го одвојуваат пластичниот, стаклениот, хартиениот и електронскиот отпад и да го одложуваат во контејнерите наменети за таа цел. Со споделување на фотографиите од селектираниот отпад во домовите, на социјалните мрежи со хаштаг #СелектирамДома да придонесеме за подигање на јавната свест за потребата од селектирање и рециклирање на отпадот.

Правилното управување со отпадот влијае на намалување на загадувањето на воздухот, водите и почвите. Со спроведување на принципите на циркуларната економија за реупотреба и рециклирање придонесуваме за намалено искористување на природните ресурси и развој на зелената економија.

Во ова време кога се соочуваме со здравствени и социо-економски закани поради корона пандемијата, грижата за животната средина и климата мора да остане приоритет. Заштитата на животната средина е заштита на нашето здравје. Да ја зачуваме планетата Земја, нашиот единствен дом!