Денес, Советот за општи работи на ЕУ најверојатно ќе донесе одлука за отворање на преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија, одлука што е долгоочекувана во регионот. Бидејќи двете земји спроведоа значителни демократски реформи, сега треба ЕУ да донесе одлука за да продолжат овие процеси.
Европските зелени подолго време апелираа процесот за членство во ЕУ да започне со овие две земји. Нагласената европска ориентација на народите на овие две земји и досега покажаните напори за имплементирање на реформите, треба земјите членки на ЕУ да ги имаат предвид.
Албанија ги исполни потребните критериуми уште во 2018 година и спроведе значителни реформи во судството.
Северна Македонија испорача видливи и одржливи резултати во неколку клучни области, како што се судските реформи, случаите на висока корупција, реформи во областа на безбедноста и во јавната администрација. Северна Македонија направи исклучителни напори за да ја отвори вратата кон Европа, со склучувањето на билатералните договори со Бугарија и особено со историскиот Преспански договор со Грција.
Доколку сега не започне процесот на пристапните преговори, ќе се испрати лоша порака и со тоа ќе се намали влијанието на проевропските движења во Западен Балкан.
Томас Вејц, копретседавач на Европската зелена партија и европратеник, истакна:
„Преговорите за членство во ЕУ се движечка сила за понатамошен развој на владеењето на правото во клучни области, како што е слободата на медиумите, човековите права и борбата против корупцијата. Ова е важно не само за обезбедување мир во регионот, туку и за надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Единствениот разумен чекор е сега ЕУ да одговори на очекувањата на граѓаните на Северна Македонија и на Албанија за нивната европска иднина“.