На прес конференцијата во Град Скопје на која се обелодени скандалот со третман на медицински отпад во погоните на МЗТ од страна на фирмата ,,Еко клуб“, главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, образложи дека начинот на кој се третирал отпадот е исклучително опасен.
,,Загрижен дека ниту една друга институција не презема никакви мерки за да ги заштити граѓаните кои живеат во околината на фирмата од можни заразни болести, Богдановски бил приморан да влезе и да ги фати на дело како вршат несоодветно третирање на опасен отпад“-велат од Инспекторат на Град Скопје.
Според Инспекторатот, Богдановски реагирал професионално и одговорно затоа што имал многу јавувања од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно.
На прес-конференцијата, инспекторот Богдановски детално ги образложи фотографиите и видеоматеријалот кои експлицитно го потврдуваат ужасот што претставува потенцијална бомба за епидемија.
– Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад – објасни Богдановски.
Целиот доказен материјал за овој скандал е доставен до Јавното обвинителство.
Градоначалникот Петре Шилегов побара брза и сеопфатна реакција на сите надлежни институции.
Извор: https://ako.mk/