Во Скопје, денес се одржа 4-тото Изборно собрание на Форумот на жени на зелената партија ДОМ. На Собранието покрај 118 делегатки, присуствуваа и претседателката на Клубот на пратенички-Ѓулумсер Касапи, пратенички, претставнички на женските организации на политички партии и невладини организации.
Претседателката на Клубот на пратенички, Касапи го поздрави Собранието истакнувајќи го огромниот придонес на ДОМ за унапредување на правата на жените. Потенцираше дека само преку заедничка борба на сите жени може да се постигне унапредување на родовата еднаквост и прогрес на општеството.
Пред присутните се обрати претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Таа се осврна на реализираните програмски определби на Форумот на жени на ДОМ во изминатиот период. Го потенцираше усвојувањето на квоти од 40% жени на избирачките листи, отворањето на нови градинки и воведувањето на двосменска работа во нив, зголемената минимална плата, ратификацијата на Истанбулската конвенција, усвојувањето нов Закон за недискриминација и Закон за прекин на бременоста, воведување на пилот проект за сеопфатно сексуално образование.
Потсети и на повеќегодишните заложби на ДОМ за промена на изборниот модел. Овие барања се содржани во предложените измени на Изборниот законик, со што се предлага една изборна единица без праг, 50% жени на избирачките листи за пратеници и советници и отворени листи за локалните избори. Таа побара поддршка од сите политички партии за усвојување на овие измени.
Морачанин го промовираше и принципот 50+%, односно најмалку 50% жени во сите органи на ДОМ, по примерот на Европската зелена партија. ДОМ веќе го применува овој принцип, со жена претседателка во тек на 14 годишното функционирање на партијата, 2 жени од 4 потпретседатели и 53% жени во сегашниот состав на Извршниот одбор на партијата. Во следниот период, Форумот на жени ќе се залага за реализирање на принципот 50+% жени и во Централниот и Надзорниот одбор на ДОМ, во чиј сегашен состав 46% се жени, како и на избирачките листи за пратеници и советници, при избор на градоначалници и министри и членови на управни и надзорни одбори.
Претседателката на ДОМ се осврна и на родовата перспектива во борбата против климатските промени. Климатските промени несразмерно повеќе ги погодуваат жените, кои поради неповолната социо-економска положба немаат можност да превземат мерки за адаптација. Жените се позагрижени поради климатските промени, но и поспремни за таа цел да ги менуваат потрошувачките навики. Неопходна е поголема вклученост на жените во носењето одлуки поврзани со климатските промени. “Ефикасна климатска акција е невозможна без обезбедување социјална правда и родова еднаквост”-истакна Морачанин.
Пратеничката и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска изрази гордост што на политичката сцена стапува веќе четврта генерација жени лидерки од ДОМ. Со тоа ДОМ продолжува да дава значаен придонес за развој на родовата еднаквост во македонското општество. Пред присутните таа ги сподели искуствата од Самитот во Најроби, во контекст на унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје на жените.
Собранието заврши со избор на новото раководство на Форумот на жени на ДОМ. За претседателка беше избрана Силвана Кржовска, за потпретседателки Нада Пешева и Марија Скуманова, а за организациона секретарка Ивана Здравеска.