ДОМ: Правилникот за урбано зеленило доследно да се применува

Локалните советници од зелената партија ДОМ, до секторите за урбанизам во општините и градот Скопје, ќе го достават Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, кој стапи на сила на 08.10.2019 година. ДОМ бара доследна примена на овој Правилник како подзаконски акт на Законот за урбано зеленило, при изработка на идната планска документација и издавањето на дозволите за градба.

Со Законот за урбано зеленило, донесен во јануари 2018 година, се воведува целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој Закон.

Во Законот стои обврска за изработка на зелен катастар на сите урбани површини, односно попис на целото зеленило по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина на ниво на град за сите идни Генерални урбанистички планови, како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста.

Доследното применување на овој Закон и Правилник овозможува “зазеленување на урбанизмот”, намалување на аерозагадувањето и климатските промени, поздрав и поквалитетен живот на граѓаните.