Поповска од ДОМ: Оптимист сум дека на следните избори ќе гласаме во една изборна единица

Пратеничката од партијата ДОМ, Лилјана Поповска, во интервју за „Макфакс“ изјави дека очекува да помине иницијативата за една изборна единица бидејќи, како што вели, има политичка волја од најголем дел од политичките партии, а истото мислење го делат и добар дел од граѓаните, кои се изјасниле во анкетите во нивните истражувања. Поповска вели дека СДСМ треба да си стои на зборот и да ѝ даде поддршка на парламентарната група од 12 пратеници, кои поднесоа иницијатива за промена на Изборниот законик.

„Сметаме дека е дојдено време државата да стане една изборна единица и сметам дека за разлика од пред 4 години, овој пат ќе успееме да добиеме поддршка од сите политички партии бидејќи одлуката за промена на Изборниот законик треба да се донесе со консензус. Го иницираме оваа прашање за да не се доведеме во ситуација пред изборите в година големите партии повторно да се договорат и донесат козметички промени. На 30 септември имаме закажано средба со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на оваа тема. Сметаме дека СДСМ ќе си стои на ветувањето што го даде пред изборите и ќе ја поддржи иницијативата. Нашиот предлог е испратен до сите политички партии, а средби очекуваме и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, вели Поповска.

Таа вели дека ваков модел на избори имаат повеќето од европските држави, а иницирањето на процесот е во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Според неа, државата да стане една изборна единица нема да биде придобивка само за малите, туку и за големите партии, кои исто така губат гласови во 6 изборни единици.

„Овој процес е фер и правичен. Малите партии на овој начин не ќе мора да коалираат со големите по секоја цена, односно да се создаваат вештачки коалиции. Имаме партии, како, на пример, ВМРО-НП, која во парламентот нема свој претставник, а имаше повеќе од доволно гласови за пратеничко место. Истото важи и за големите, и тие губат гласови на шест места, а со тоа и мандати. На овој начин ќе добиеме и поголема шареноликост, повеќе демократизација во парламентот, што во секој случај ќе биде најголема придобивка за граѓаните“, додава Поповска.

ДОМ и другите помали партии се залагаат и за отворени листи, но засега, како што рече Поповска, главно се концентрирани да помине измената на Изборниот законик за една изборна единица, па потоа да се лобира за оваа прашање.

извор: makfaks.com.mk