Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин на Скопје Прајд: “Љубов е љубов!”

Претседателката на ДОМ и координаторка на Интерпартиската парламентарна група за првата на ЛГБТИ луѓето, Маја Морачанин се обрати на денешниот Скопје Прајд.

“Сакам посебно да ве поздравам и да ви честитам на вас, ЛГБТИ луѓето, за денешната прва Парада на гордоста во нашата земја. Сакам да им се заблагодарам и на сите граѓани кои не припаѓаат на ЛГБТИ заедницата, а денес излегоа на парадата и покажаа солидарност и поддршка за ЛГБТИ луѓето во борбата против нивна стигматизација, дискриминација, говор на омраза или насилство. Тоа е доказ дека нашето општество се развива во духот на европските вредности на почитување на човековите права и слободи, еднакви можности за сите, почитување на различностите и солидарност”-истакна Морачанин.

Таа ги претстави активностите на групата за правата на ЛГБТИ луѓето која е единствена парламентарна група од ваков вид во регионот на Западен Балкан. Во изминатиот период овие пратеници работеа на носење на законска регулатива со која се унапредија правата на ЛГБТИ луѓето, како Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Кривичниот законик, Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кои сексуалната ориентација и родовиот идентитет експлицитно се наведуваат како основ за дискриминација. Придонесоа и во подигање на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето, преку учество на голем број конференции, дебати, настапи во медиумите и кампањата “Не суди кој кого љуби”. Оваа парламентарна група и понатаму ќе продолжи да се залага за подобрување на законската регулатива, но и имплементација на истата, зашто целта е ЛГБТИ луѓето да ги почувствуваат позитивните промени во нивниот секојдневен живот.

“Денес, пратеници од групата се присутни на Прајдот, за да им дадат поддршка на ЛГБТИ луѓето и да влијаат во надминувањето на стереотипите и предрасудите поврзани со сексуалната ориентација и родовиот идентитет. И во оваа прилика сакам да дадам одговор на едно од најчесто поставуваните прашања поврзани со ЛГБТИ темата-зошто е потребно одржување на Парада на гордоста, зошто е потребно презентирање во јавност на ЛГБТИ луѓето? Затоа што кога зборуваме за правата на ЛГБТИ луѓето, зборувме за почитување на човековите права и слободи. Универзалната декларација за човекови права вели дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по своето достоинство и права. Затоа што нашите ЛГБТИ сограѓани живеат во сенка, на маргините на општеството и сакаат и имаат право да бидат видливи и прифатени од општеството, подеднакво како и сите други. Затоа што тие заслужуваат да излезат од сенката на маргините и да сјајат со раскошот на светлината во сите бои на виножитото. Затоа што љубовта е љубов!”-заврши Морачанин.