Координаторката на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, Маја Морачанин во името на групата ја прими наградата “Поддржувач на годината“ која ја доделува Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Во воведното обраќање таа искажа големо задоволство што за прв пат, во Собранието, во присуство на граѓанските здруженија, се одбележува 17 мај – Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија. Упати јасна порака против стигматизација, дискриминација, говор на омраза и насилство врз ЛГБТИ луѓето.
“Кога зборуваме за правата на ЛГБТИ луѓето, зборуваме за почитување на човековите права и слободи. Според Универзалната декларација за човекови права, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Почитувањето на човековите права и слободи е една од темелните вредности на Европската Унија, кон која се стреми и нашата држава .“ – рече Морачанин.
Таа ја истакна успешната работа на групата, во носењето на Законот за медиумски услуги и Законот против дискриминација, во кои сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основи за дискриминација. Ја потенцираше и улогата на пратениците од групата во подигање на јавната свест против говор на омраза, насилство и дискриминација на ЛГБТИ луѓето, особено преку учеството во медиумската кампања “Не суди кој кого љуби“.
“Успешните резултати се должат на тесната соработка на пратениците со граѓанските организации. Во следниот период групата ќе продолжи да делува во унапредување на законската регулатива и подигање на јавната свест. Посебен фокус на активностите ќе биде ставен на имплементацијата на донесените закони, зашто целта е ЛГБТИ луѓето да ги почувствуваат позитивните законски промени во својот секојдневен живот“ – рече Морачанин.
Заблагодарувајќи се, таа искажа уверување дека оваа награда ќе претставува дополнителен мотив за сите пратеници да дадат придонес во унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.