Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ постави процедурално прашање на седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија и предложи заклучок да се побара од Претседателот на Собранието итно закажување на седницата со точката за аерозагадувањето. Заклучокот со барањето беше едногласно усвоен.
„Каде потонаа собраниските заклучоци со мерки против загадувањето, кои беа донесени со апсолутен консензус по одржаната јавна расправа во Собранието на Република Македонија? Зошто точката за загадувањето на воздухот сеуште не е помината на пленарна седница, кога ова е приоритетен проблем за сите? Уште сега треба да се почне со спроведување на мерките, за да биде помало загадувањето следната есен и зима! Со заклучоците ги задолживме институциите на државно и локално ниво со конкретни обврски: попис на загадувачи, контрола на горивата и горилниците во јавниот и приватниот сектор, ригорозен инспекциски надзор на индустријата и сите стопански субјекти, контрола на градилиштата, ревизија на деталните урбанистички планови и спроведување на законот за урбано зеленило со задолжителни 20% зеленило на градежна парцела, решавање на отпадот, субвенции за промена на печки, горива, возила, фотоволтаици, изола и ред други мерки,“ аргуменираше Поповска.