Денес, во Централната канцеларија на ДОМ, во Скопје, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин оствари средба со францускиот амбасадор во Република Македонија, Н. Е. г-дин Кристијан Тимоние.
Амбасадорот упати честитки за изборот за претседателка на ДОМ, со желба за многу успех во извршувањето на оваа функција. Се истакна взаемната посветеност за продолжување на соработката за унапредување на севкупните состојби на живеење во Република Македонија.
Во очекување на почеток на преговорите за членство во Европската Унија, особено значајни ќе бидат реформите во областа на владеење на правото, борба против корупцијата и почитување на човековите права. Морачанин го информираше Амбасадорот за активностите на ДОМ како зелена партија, во сферата на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Амбасадорот покажа интерес за текот на собраниската процедура на носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и на Законот за минерални суровини. Имајќи предвид дека Морачанин е координаторка на Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ правата, Амбасадорот предложи средба на групата со Асоцијацијата на граѓански организации од истата област од Франција, која во декември ќе престојува во Скопје.