Кадровата комисија на ДОМ ја поддржа д-р Маја Морачанин за кандидат за претседател на партијата, како предлог од општински организации, МОДОМ, Форумот на жените и Извршниот одбор. Предлогот ќе оди на конечно утврдување пред Централниот одбор, последен пред Конгресот на 28 октомври 2018 година.
Д-р Маја Морачанин има дваесет годишно работно искуство во приватниот здравствен сектор. Како специјалист физијатар, води сопствена ординација за физикална медицина и рехабилитација.
Морачанин е пратеничка од зелената партија ДОМ во изминатите две години.
Во ДОМ е од самиот почеток, каде со голем ентузијазам и искрена посветеност помина повеќе скалила: од активистка и потпретседателка на општинската организација во Карпош, преку потпретседателка и претседателка на Форумот на жени, се до портпарол и член на Извршниот одбор на партијата. Учествувала на голем број домашни и меѓународни обуки и конференции од областа на демократијата, човековите права, родовата еднаквост и заштитата на животната средина. Таа е активна и на меѓународен план во семејството на Европските Зелени, каде е и делегат, заедно со досегашната претседателка, Лилјана Поповска.