Морачанин од ДОМ: Да, за декриминализација на канабисот!

“Јас, како докторка не поддржувам употреба на психотропни супстанци за рекреативна употреба, но сметам дека секој полнолетен граѓанин има право на слободен избор дали ќе користи канабис”-рече пратеничката Морачанин на панел дискусијата на тема “Декриминализација на канабисот, сега”.

Таа говореше за нехармонизираноста и разликите во законската регулатива за употреба на канабис за рекреативни цели во државите на ЕУ, каде се забележува тренд на декриминализација и депенализација. Уругвај, осум држави во САД и Канада, веќе ја легализираа употребата на канабис за рекреативни цели. Легализацијата придонесува за сузбивање на “црниот пазар” и организираниот криминал, зголемување на приходите во државниот буџет од данокот од продажбата на канабис и отворање нови работни места.

“Важно е буџетските приходи од продажбата на канабис да се насочат во здравствениот и образовниот систем, особено за превенција и едукација за ризиците од користење дроги, како и третман и рехабилитација на зависниците”-истакна Морачанин.

Таа се осврна и на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, донесен во 2016 година, кој не ја исполни целта препаратите од канабис да бидат достапни за пациентите кои имаат потреба од нив. Тогаш, ДОМ јавно реагираше, а амандманите поднесени од пратеничката Поповска, не беа прифатени. Високите критериуми за одгледување канабис за медицинска употреба можат да ги исполнат само големите, финансиски моќни компании. Исто така, право да препорачаат препишување на лекови од канабис имаат само специјалисти по неврологија, инфективни болести, онкологија и радиотерапија кои се вработени во јавните болници.

Морачанин го потенцираше и значењето на одгледување на коноп за индустриски цели кој може да се користи за производство на текстил, хартија, биомаса, материјали во градежништвото и автомобилската индустрија.