Во организација на ДОМ и Зелениот Институт, со поддршка на холандската фондација Биро де Хелинг, во Охрид се одржа конференција: 4 Сезони екотуризам во Охридскиот регион. Се дискутираше за развој на екотуризам и алтернативни форми на туризам со строга заштита на животната средина, за да се задржи статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО на Охридскиот регион.
Целта е во Охридскиот регион да се овозможи развој на екотуризам во текот на целата година, при што нема да има штетно влијание врз животната средина, а ќе се овозможи отворање на голем број нови зелени работни места за локалното население.
Модераторка на настанот беше Maja Морачанин, пратеничка од ДОМ и координаторка на неформалната парламентарна група “Пратеници-пријатели на УНЕСКО”. Свои обраќања имаа: Наташа Амдиу, претседателка на Зелениот институт, Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Нада Пешева од Министерството за култура, Горан Мицковски од секторот за туризам во Охрид, Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод, Христина Оџаклиеска од Агенцијата за просторно планирање, Андон Бојаџи, директор на НП Галичица, Илина Арсова, промотор на активен и екотуризам, Асим Меџедовиќ, сопственик на туроператорот Фибула Травел и Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ, како и претставници од граѓанската иницијатива СОС Охрид.
По повеќечасовна расправа беа донесени следните заклучоци за успешен развој на екотуризмот во тек на целата година во Охридскиот регион:
- Строго придржување до препораките на УНЕСКО, што ќе значи строга заштита на природното и културното наследство, што го прави Охридскиот регион едно од 35те светски подрачја заштитени од УНЕСКО по двете основи.
- Одржливо управување со Националниот Парк Галичица без узурпација со штетни градежни зафати.
- Заштита на езерото со зачувување на Студенчишко блато и целата флора и фауна.
- Обнова на колекторот за прочистување на отпадните води.
- Отстранување на дивите депонии и современо управување со отпадот.
- Мораториум на градба до носење на сите просторни, урбанистички и други планови.
- Носење на План за управување со Охридскиот регион со сеопфатна Стратегиска оцена за влијание врз животната средина.
- Вградување на одредбите од Законот за зеленило во законите за урбанистичко планирање и за градење, како и носење на Закон за градски архитект.
- Изработка и следење на индикатори за влијание на туристичките активности врз животната средина.
- Носење на нова Национална стратегија за туризам, како и Стратегија за рурален и екотуризам.
- Понуда на активен одмор и богата содржина за туристите во текот на целата година (планинарење, велосипедизам, параглајдерство, набљудување птици, вклучување во активности на локалното население, посета на културно-историски знаменитости и културни, спортски, научни и други манифестации).
- Изработка на анализи за видот на туристи и нивните потреби и избор на соодветна промотивна стратегија за нивно привлекување и подолго задржување.
- Едукација за специјализирани кадри за екотуризам.
- Задолжително сертифицирање на давателите на туристички услуги за да се постигне стандардизација, а и безбедност на туристите.
- Подигање на свеста на локалното население за економски развој и отворање нови зелени работни места преку екотуризам.
- Поголема достапност за фондови за поддршка за развој на екотуризам.
- Вмрежување на институции од национално и локално ниво, национални паркови, туроператори, локални бизниси, граѓански организации и локалното население.
- Брендирање на угостителски објекти за екотуризам и автентична локална храна
- Здружување на малите производители на земјоделски производи во задруги и формирање дистрибутивни центри за пласман на нивните производи.
- Поддршка на локалното занаетчиство и изработка на автентични сувенири.
- Водено поврзување на одредени места на крајбрежјето со еколошки превоз, со грижа за живиот свет во езерото.