ДОМ: Подготвен е законот за забрана на цијаниди и сулфурна киселина во рудниците

Измената и дополната на Законот за минерални суровини се предлага заради долгорочна заштита на животната средина и здравјето на населението кое живее во близина на рудници кои работат со технологии што користат опасни супстанци. Со оглед на димензиите на нашата земја, како и на фактот дека еко-системот е една целина, опасноста им се заканува на сите граѓани на Република Македонија, но и на поширокиот регион, трансгранично.

Предложениот закон содржи експлицитна забрана за експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанции. За таа цел се дополнети членовите 36 и 81 од постојниот Закон за минерални суровини.

За да се спречи можна манипулација со податоци во текот на процесот на издавање концесија, се прави дополнување на членовите 42 и 45, со јасни податоци кои барателот на концесија мора да ги приложи во своето барање до Министерството за економија – за видот на постапката на експлоатација на минерални суровини и хемикалиите што ќе се применат, како и за финансиската гаранција во случај на штетни ефекти по животната средина. Истиве податоци треба да стојат и во одлуката за доделување концесија.

Се предлага и продолжување на роковите за добивање одговор во врска со барањето за концесија од надлежните институции, како и од локалната самоуправа, и тоа од 15 дена на 60 дена. Сметаме дека со ова ќе се овозможи пристојно време за проучување на стручните лица и информирање на јавноста, што ќе придонесе за транспарентноста на целиот процес.

Непосреден повод за законот се издадените концесии за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите постапки користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор во огромни количества. Знаејќи ја опасноста по живиот свет од овие хемикалии, последниве две години се дигна бран протести низ целата земја, а се организираа и референдуми за стопирање на рудниците во шест општини.

Но потенцијална опасност постои од уште 80-ина веќе издадени концесии за геолошки истражувања, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за добивање концесија за експлоатација на минерални суровини. Знаејќи дека истражувањата се однесуваат главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар, многу е веројатно да се претпостави дека сите тие ќе предложат најевтини и најопасни техники и технологии за нивна експлоатација. Тоа би значело дека околу 10.000 метри квадратни од нашата земја, која целата изнесува 25.000 метри квадратни, ќе се разори од површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата. Да потсетиме, најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделие и туризам, кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за 2% профит за државата и 98% профит за концесионерите!

Линк кон предлог законот