Пратеничките од Зелената партија ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин остварија средба со францускиот амбасадор Н.Е. Кристијан Тимоние во Собранието на Република Македонија. Разговараа за потребата од ратификација на Конвенцијата за климатските промени од Самитот во Париз.
Пратеничките му одадоа признание на Амбасадорот и неговата земја за лидерството во овој процес кој е извонредно значаен за опстанокот на планетата Земја. Со Парискиот договор се предвидува намалување на стакленичките гасови и спречување на загревањето на атмосферата преку 1,5 степени Целзиусови. Тоа може да се постигне со придонес на сите земји во светот за енергетска транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија.
Пратеничките од ДОМ ќе ја иницираат ратификацијата на овој значаен документ, за што ќе се обратат до Министерот за надворешни работи Никола Димитров. Еден од првите неопходни чекори за реализација на преземените обврски на нашата земја ќе биде ревизија на Стратегијата за енергетика и измени на Законот за енергетика. Потребни се редица мерки со кои ќе се стимулира користењето на сонце, ветер и други обновливи извори на енергија. За оваа цел пратеничките ќе побараат средба со Потпретседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев.