Морачанин од ДОМ: Програмата на новата Влада е за унитарна Македонија!

Во своето обраќање во Собранието пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, истакна дека под превезот на т.н. дебата која се сведува на бескрајни реплики и контрареплики се повредува Деловникот и се блокира работата на Собранието што претставува јасен приказ на состојбата на “заробени институции“.

По однос на т.н. платформа на албанските политички партии, потсети дека ДОМ јасно го искажал својот став во комуникација со коалициските пратнери и во јавноста преку медиумите. “Истакнавме дека т.н платформа ќе биде употребена во функција на дефокусирање од суштинските теми како: владеење на правото, независно судство, борба против корупција, почитување на човековите права и слободи, економски просперитет, здрава животна средина и во функција на отежнување на процесот на формирање на новата Влада”- рече Морачанин. Посочи дека Програмата на новата Влада, која целосно е во склад со Уставот и унитарниот карактер на државата, ја отстранува основата за загриженост кај граѓаните.

Пратеничката на ДОМ ги оцени како неосновани обвинувањата дека некој закон би бил донесен набрзина, далеку од очите на јавноста. “Секој предлог на закон мора биде доставен на разгледување и дискусија и во соодветните комисии и на пленарна седница во ова Собрание и сите пратеници и јавноста имаат целосен увид во неговата содржина. Во текот на тие седници сите пратеници можат да дискутираат и да поднесуваат амандмани и се разбира на крајот да гласаат според своето лично убедување. Претседателот на Република Македонија може да одбие да го потпише указот за прогласување на законот и на крајот Уставниот суд има право да го поништи секој закон, доколку не е во согласност со Уставот”- истакна таа.

На крајот од своето излагање апелираше да престане блокирањето на работата на законодавниот дом и да се овозможи избор на Претседател на Собранието и нова реформска Влада.