На светскиот Конгрес на Глобалните Зелени и Европските Зелени што се одржува од 30 март до 2 април во Ливерпул учествува делегација од ДОМ во состав: Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на Форумот на жени на ДОМ и Милан Николовски, член на претседателството на младинската организација на ДОМ – МОДОМ.
Ова е најголем настан до сега, на кој присуствуваат над 2500 учесници и истовремено претставува годишен собир на Глобалните Зелени и Европската Зелена Партија. На овој Конгрес учествуваат и младите Зелени активисти од целиот свет, организирани преку Младите глобални зелени и Федерацијата на европските млади Зелени.
Во фокусот на оваа средба се актуелните случувања на глобално ниво и стратегијата на Зелените партии, активистите и избраните функционери во справувањето со сите еколошки и демократски предизвици во светот. Учесниците од целиот свет имаат можност да споделат добри практики и искуства од своите земји, но и да дискутираат за клучни прашања како одржливата иднина, родовите прашања и активното учество на младите во политиката.
Делегацијата од ДОМ оствари средби со Генералниот секретар на Европската Зелена Партија Мар Гарсија, и ко-претседателот на Европската Зелена Партија Рајнхард Бутикофер, како и со претставниците на Зелените партии и фондации, на кои дискутираа за состојбите во земјава и регионот и придонесот на ДОМ во понатамошните демократски процеси и одржливиот развој.