Зачудува незаинтересираноста на владата за отпуштањето работници што го најави и започна раководството на комбинатот Југохром од Јегуновце. Формалното образложение од комбинатот е дека ова го прави поради тоа што владата го продолжила решението за забрана за работење дури не се исполнат еколошките критериуми, што беше повод вработените да бараат да продолжат да работат и без поставените филтри. Овие нивни барања беа поддржани од раководството на комбинатот, кое не ги прифаќаше очигледните резултати на мерењата на воздухот во Тетово кои покажуваат 40% помало загадување во време кога Југохром не работи во текот на последнава година.Но, деновиве се спомнуваат други несогласувања со владата кои се однесуваат на цената со струјата.
Каде е вистината? Кој и зошто ги манипулира вработените во Југохром и граѓаните на Јегуновце и Тетово? Дали не е Југохром жртва на политички игри помеѓу сегашните коалициони партнери во владата?
Жално е ако е одговорот на последново прашање позитивен. Во тој случај политиката е причина и за долгогодишното загадување на Тетово дозволено од владата, но и за сегашното оставање на вработените на улица, како багаж за идната влада, која и да биде.
Коректно и реално решение ќе беше и се уште е, владата финансиски да интервенира за што побрзо поставување филтри против загадување, како и за задржување на вработените на работа во меѓупериодот. Ова беше предлог на ДОМ уште во 2013 година кога по прегледот на големите загадувачи утврди дека е Југохром е најназад со еколошкото прилагодување, кое требаше да се исполни до 1- ви април 2014 г. , според законот за заштита на животната средина.
Југохром е стратешки важен објект за Полошкиот регион и извор на егзистенција на илјадници семејства. Југохром не смее да биде жртва на политички игри, независно кој е во влада, а кој не. Државата е должна да обезбеди здрава животна средина за своите граѓани, а притоа има право и обврска наменски да потроши буџетски средства, како што би било во овој случај.