ДОМ на Централен одбор со оценка на изборите и политичката ситуација, како и за подготовка на локалните избори

На седницата на Централниот одбор на ДОМ што се одржа викендов беше усвоен Извештајот на Централниот изборен штаб и беа донесени заклучоци во врска со резултатите од парламентарните избори и учеството на партијата: со своето учество во опозиционата коалиција ДОМ даде придонес во процесот на демократизација на Македонија; постигната е првата фаза од тој процес, со победа на вкупната опозиција, и покрај сите притисоци, нерегуларности и непрочистен докрај избирачки список; ДОМ во Собранието ќе биде претставуван од др Маја Морачанин, претседателка на Форумот на жени и портпаролка.

ДОМ расправаше и за актуелната политичка ситуација и усвои насоки за дејствување. Во рамките на опозиционата коалиција ќе поддржи процеси за формирање Влада која ќе ги спроведе реформите од Прибе за професионализација на институциите, ќе го продолжи мандатот на СЈО и ќе формира специјален суд. ДОМ ќе се бори и за трајно и ефикасно решавање на еколошките проблеми со усвојување на концептот на зелена економија, посебно во делот на енергетиката; за нови закони во урбанизмот, за обезбедување рамномерен регионален развој и дескопјанизација, совложување во сите градови и места на земјата; за родова рамноправност, еднакви можности и недискриминација; за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи; за почитување на постојниот Устав со граѓански и унитарен карактер и вграден мултикултурен образец против мајоризација.

Точка на дневниот ред беше и подготовката за локалните избори, кои треба да се одржат за четири месеци. Централниот одбор усвои критериуми за избор на кандидати за советници и градоначалници, кои ќе бидат наведени во јавниот повик за пријавување што ќе се објави деновиве.