ДОМ повикува на одбрана на најновиот напад на парк во Карпош! ДОМ ја информира јавноста дека среде серијата земјотреси, има нов обид за бетонирање на малиот парк на улица Букурешка во Тафталиџе 1. Жители на населбата ни се јавија и испратија фотографии на кои се гледа како од утринава се дојдени градежници кои го оградиле паркот и почнале да ги сечат дрвјата. Среде серија земјотреси, кога луѓето вознемирени истрчуваат од домовите и спас бараат токму на празни зелени површини во нивните дворови, некој се обидува да лови во матно!?
Скандалозно е до кој степен не се почитува граѓанската воља и јавниот интерес на жителите на Тафталиџе 1, кои јасно кажаа дека уништувањето на парковите и изградбата на згради буквално во нивните дворови им го загрозува нормалното живеење. Секое повикување на друг “јавен итнерес“, поради кој “морало“ да се изгради зграда на зелена површина е само маскирање на личните интереси на грст луѓе од политиката и бизнисот.
Сега е потребна итна спасувачка акција, а подоцна треба да се смени целиот концепт во урбанизмот и градежништвото, зашто од начинот како се практикуваат овие крајно стручни дејности, зависи здравјето, безбедноста и квалитетот на живот на граѓаните. Затоа ДОМ со години се залага за пакетот закони во урбанизмот: нов Закон за просторно и урбано планирање, нов Закон за градење, вистински Закон за зеленило и два закона за градски архитект (измени во Законот за Град Скопје и Законот за локална самоуправа, за да важи за сите македонски градови со над 30.000 жители).