Лилјана Поповска: Понекогаш правдата забавува, но секогаш стигнува

1) Четирите партии договорија решенија за избори во декември. Дали договореното значи дека Македонија влегува во помирни политички води?

Верувам дека ние секако ќе влеземе во помирни политички води, пред се внатре сме заморени и како граѓани и како политичари. Мора да има разрешница од оваа криза, затоа што не функционира нормално државата и институциите, а тоа е на штета на граѓаните.

Од друга страна, регионалниот контекст е таков, што и на други држави околу нас, на ЕУ и САД, не им одговара нестабилен Балкан и нестабилна Македонија, така што мислам дека и мигрантската криза и овие состојби со закани од тероризам, сето тоа влијае да има нужност од разврска на политичката криза во Македонија и до тоа ќе дојде.

Она што е договорено за овие избори е една рамка за минимум услови за одржување пристојни избори. Не совршени, регуларни и демократски избори какви што заслужуваме и посакуваме сите, меѓутоа пристојни избори. Подобри од она што било последниот пат, претпоставувам. Зошто велам, минимум услови, затоа што се обезбеди оние 172.000 лица што живеат надвор од РМ, да бидат ставени на посебен список и со тоа ќе биде оневозможено некој да ги злоупотреби нивните имиња со лажни лични карти или други документи. Од друга страна, ќе се избришат најмалку 30.000 спорни гласачи за кои беше кажано дека не постојат во ниедна база на податоци и кои што и при теренската проверка не беа најдени на тие адреси, бидејќи не живееле на тие адреси. Значи, дел од оние т.н. фантомски гласачи ќе ги нема на списокот. Ние од ДОМ, повеќепати објаснуваме дека владеачките партии, за жал, не дозволија целосна постапка за прочистување на избирачкиот список.

2) Која е понудата на Вашата политичка партија наспроти решенијата на „големата четворка“?

ДОМ уште од 2010, во својата програма има декларирано дека се залага за една изборна единица, за отворени листи и условот за 50% жени и мажи на листите. Тоа се принципи за кои се залагаат Зелените воопшто во Европа – една апсолутна рамноправност помеѓу жените и мажите и можност граѓаните да гласаат по своја воља. Да не бидат партиите оние што ќе им наметнат за кого да гласаат. За ова ние отворивме кампања, предложивме и измени на закони во повеќе наврати, но за жал, се немаше слух и политичка воља. Затоа што тоа би значело дека поголемите партии ќе имаат помалку пратеници, со тоа што природно ќе се распоредат гласачите и на други политички партии и со тоа Собранието би било пошарено. Ние од секогаш тврдиме дека пошарено Собрание и пошарена коалициона Влада е предуслов за поголема демократичност. Од една страна, во парламентот ќе ги има сите граѓански групи кои ќе имаат свои претставници, а од друга страна, ќе се слуша различен глас и ќе мора да се почитуваат повеќе гласови во една коалициона Влада што ќе резултира со поголема демократичност во земјата и намалување на вакви политички кризи.

3) Партиите се поделија околу СЈ, кое пак има поддршка од странците. Дали институцијата може да обезбеди функционирање на државата и еднаквост на граѓаните?

Институцијата може да овозможи постапките што ги води да бидат според процедура, Устав и закон. Колку што ние гледаме, тоа и го прави. И не случајно СЈО има огромна поддршка. Знаете дека има околу 64% подршка за СЈО на анкетата на ИРИ уште во април. Тоа се бројки на опозициони гласачи. Затоа што секој кој го подржува СЈО е човек кој е опозиционо настроен, некој што не е задоволен од сегашната власт и кој сфатил дека се направени многу грешки и злоупотреби кои треба соодветно да се процесуираат, а одговорните да одговараат. Токму затоа тие 64% од граѓаните очекуваат СЈО да придонесе за враќање на правдата во државата. Меѓутоа, некои ќе речат, па нема докрај конкретни резултати, на сите отворени процеси, на се што се слушна. Докази се и самите ленти. Никој од тие луѓе не рече дека тоа не е неговиот глас, очигледно дека се тие. Но, завршница сеуште нема, затоа што судството е сеуште во еден добар дел заробено од политиката. Затоа беа и заложбите на ДОМ, на други субјекти и граѓанскиот сектор, да се обезбеди специјален суд или специјално судско одделение и соодветни служби во полицијата. Бидејќи токму тоа е апаратот што овозможува злоупотреба на политиката: полициско-судско-обвинителскиот апарат. Тие три ја прават таа машинерија која треба да обезбеди правда. Се надевам дека во најскора иднина ќе го видиме и тоа.

Како и да е, знаете дека јас сум оптимист во политиката и верувам во разврски низ дијалот, низ институции и процедури. Понекогаш правдата забавува, меѓутоа секогаш стигнува.

(превземено од ТВ 24 Вести)