Поповска: Колку верзии на избирачки списоци има г-не Чавков?

Лилјана Поповска од ДОМ постави пратенички прашања до министрите за внатрешни, земјоделие и транспорт и врски:

  1. Колку верзии на избирачки списоци има, г-не Чавков? И колку спорни гласачи има, дали 330.000, 110.000, 89.000, 87.000? Тврдам дека ни двете верзии на списокот со спорни гласачи не се исти, зашто во вторава најдовме 6 лица од нашата пријава, кои сега ги има, а ги немаше на претходниот список! И зошто ДИК не ги стави на проверка 6.000 граѓански пријави, меѓу кои и онаа на ДОМ, каде се пријавени околу 60.000 грешки во избирачкиот список? Со свои очи најдовме непостоечки луѓе во туѓи станови, во ходници, на адреса со број НУЛА! А најдовме и постоечки лица на погрешни адреси на кои не живеат! Ќе ви ја доставам и писмено нашата пријава, за да ми одговорите, зашто имаме потреба да им веруваме на институциите, а вашето министерство ги има сите лични податоци.
  2. Министре Цветков, зошто дозволувате да се гради рудник за злато во Иловица, Струмичко, кога ќе биде со највалканата технологија, со цијаниден раствор кој ќе се истура во езера, ќе продира во подземните води и ќе го уништи земјоделието? Жителите велат дека не им треба рудник за злато, зашто тие веќе имаат рудник за злато и тој се вика Струмичко Поле! Зошто дозволувате влез на инвеститори кои се избркани од Бугарија, Грција, Романија, зашто тие земји не сакаат да си го жртвуваат земјоделието и здравјето на луѓето?
  3. Како можеше Министерството за транспорт и врски да даде согласност за изградба на монструм-зградата „Настел Тафталиџе“, која ги гази сите урбанистички и еколошки норми, спротивна е на ГУП-от на Град Скопје и има нерасчистени имотно-правни односи со вистинските сопственици на земјиштето, кои се тужат за денационализација?

Со почит,

Сектор за односи со јавноста