ДОМ ги повикува сите функционери и административни службеници инволвирани во постапката за издавање на новата еврообврзница да не ги извршуваат работните задачи поврзани со оваа постапка! Службениците имаат право да се повикаат на Член 5 од Кодексот за административни службеници: “Административниот службеник… никогаш не работи на начин за кој знае или се сомнева дека е незаконски, непрописен или неморален. Тој не подлегнува на притисоците за извршување на противуставни и незаконски работни задачи од претпоставените.”
Скандалозното задолжување од 650 милиони евра е крајно штетно и погубно за македонската економија и нема никакво оправдание. Сите знаеме дека исплатата на пензиите, платите, социјалната помош и субвенциите е доведена во прашање поради расипничкото и непродуктивно трошење на Владата за мегаломански “барокни” објекти и енормно високи суми на тендери за јавни набавки, од кој дел завршиле и во приватни џебови. Дефицитот во буџетот треба да се покрие со одземање на криминално стекнатиот и изнесен од земјата капитал во износ преку 5 милијарди евра, а не со понатамошно осиромашување на веќе сиромашните граѓани.
Затоа неопходно е да се овозможи непречено функционирање на СЈО и формирање на специјално одделение при Кривичниот суд, со што би се овозможило овие средства да се вратат во буџетот на Република Македонија.
Со почит
Сектор за односи со јавноста на ДОМ